Знаме на ЕУ / Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Романија и Бугарија во економски галоп откако влегоа во ЕУ — земјите кандидати каскаат

Според анкета на „Евробарометар“, спроведена на почетокот на 2025 година, речиси три четвртини (74 отсто) од граѓаните на ЕУ сметаат дека нивната земја имала корист од членството — највисока оценка од кога прашањето се поставува, уште од 1983 година.

Поддршката за членството во Европската Унија е многу силна во новите земји членки, главно поради економската моќ што ја стекнаа, според анализата на „Јуроњуз бизнис“ за растот на БДП во државите што ѝ се приклучија на Унијата по историското проширување во 2004 година.

Според анкета на „Евробарометар“, спроведена на почетокот на 2025 година, речиси три четвртини (74 отсто) од граѓаните на ЕУ сметаат дека нивната земја имала корист од членството — највисока оценка од кога прашањето се поставува, уште од 1983 година.

Како најголеми придобивки од членството, испитаниците ги истакнале економскиот раст (28%) и новите можности за вработување (26%), а податоците ја потврдуваат нивната проценка.

„Политико“: Македонија нема да добие големи пофалби во новиот извештај на ЕУ, Црна Гора со најголем напредок

Во Чешка, БДП по жител пораснал од 45 отсто од просекот на ЕУ во 2004 година на 74 отсто во 2024 година, што е скок од 9.490 евра на 29.940 евра. Во Литванија, истиот показател се искачил од 26 отсто на 68 отсто, односно од 4.960 евра на 27.350 евра.

Петкратен раст во Романија и Бугарија

Во последните 20 години (2004–2024 година), додека БДП по жител во целата ЕУ пораснал за 88 отсто (од индекс 100 на 188 поени), растот во 13-те нови земји членки бил далеку посилен.

Романија и Бугарија го предводеле списокот со раст од 558 отсто и 500 отсто, достигнувајќи индекс од 600 поени.

Во истиот период, БДП по жител во Романија скокнал од 2.820 евра на 18.560 евра, а во Бугарија од 2.710 евра на 16.260 евра.

Слични трендови на импресивен раст се забележани и во балтичките држави, каде што БДП по жител се зголемил за 405 отсто во Литванија, 336 отсто во Латвија и 305 отсто во Естонија.

Куповната моќ зголемена во Бугарија и во Романија

Стандардот на куповна моќ (ППС) дополнително го покажува економскиот напредок на новите членки.

Во теорија, една единица ППС купува иста количина стоки и услуги во секоја земја.

БДП по жител во ППС во ЕУ е поставен на индекс 100. Во 2004 година, Романија и Бугарија имале најниски вредности – 35, што било 65 отсто под просекот на ЕУ. Дваесет години подоцна, куповната моќ на Романија се зголемила повеќе од двојно, на 78, а на Бугарија на 66.

Индексот се зголемил од 50 на 88 во Литванија, од 45 на 71 во Латвија, од 52 на 79 во Полска и од 56 на 79 во Естонија. Секое приближување кон индексот 100 значи дека овие земји се доближуваат кон стандардот на просечниот граѓанин на ЕУ.

Во Словенија, растот бил поскромен — од 87 на 91, а во Чешка од 81 на 91 во истиот период.

„Новите членки имаат ќар, а старите не се во зијан“

Европската комисија нагласува дека проширувањето во 2004 година донело „широк спектар значајни придобивки и импресивен економски раст“ како за новите членки, така и за Унијата во целина.

Русопулос: Северна Македонија покажа дека моралната зрелост се мери по капацитетот да се слуша, почитува и прифаќа

И академските анализи ја поддржуваат оваа слика, според „Јуроњуз“.

Економистот Базил Граси од Универзитетот Бокони заклучува дека приклучувањето во ЕУ ги зголемува приходите на новите членки без да им наштети на старите, што го опишува како „игра со позитивен збир“ – сите добиваат, се наведува во анализата на „Јуроњуз“.

Во каква состојба се економиите на земјите кандидати?

Во моментов, девет земји се официјални кандидати за членство во ЕУ: Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија, Србија, Украина, Молдавија, Грузија и Турција, а Косово има статус на потенцијален кандидат.

Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави во април дека нов бран пристапувања до 2030 година е „реалистичен“, при што Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора се на врвот на листата на подготвеност.

Според БДП, повеќето од овие економии се релативно мали.

Во 2024 година, вкупниот БДП на Европската Унија изнесувал 18 трилиони евра (според „Евростат“). Десетте земји што се стремат кон членство заедно оствариле 1,63 трилиони евра, од кои само Турција учествувала со 1,25 трилиони.

Ако се исклучи Турција, деветте преостанати земји заедно произвеле само 381 милијарда евра – помалку дури и од Данска (392 милијарди евра).

Ако дополнително се исклучат Турција, Украина и Србија, седумте останати кандидати имаат вкупен БДП од едвај 130 милијарди евра, што е помалку од економијата на околу две третини од сегашните членки на ЕУ.

Сиљановска Давкова за објавата на Фон дер Лајен: Кај мене не спомна ни топка ни двор

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот