Русопулос: Северна Македонија покажа дека моралната зрелост се мери по капацитетот да се слуша, почитува и прифаќа
Парламентарното собрание на Советот на Европа ја поддржува и ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат, порача денеска претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Теодорос Русопулос, кој е во посета на земјава.
Препорачано
Пред пратениците во македонското Собрание, Русопулос истакна дека во изминатите три децении членство во Советот на Европа, Северна Македонија покажала дека моралната зрелост не се мери по големина, туку по капацитетот да се слуша, почитува и прифаќа.

Тој потсети на своите претходни посети на земјава и на средбите со првиот претседател Киро Глигоров, нагласувајќи дека Северна Македонија го оствари неговото видување, дека малите нации можат да живеат во мир и демократија.
– Вашиот напредок е значителен и извонреден. Исклучително ми е драго и сум почестен што денес сведочам дека сте жив доказ за неговите зборови – рече Русопулос.
Тој потсети дека 75 години по потпишувањето на Европската конвенција за човекови права и 30 години по приклучувањето на Северна Македонија кон Советот на Европа, европската приказна продолжува со нови предизвици и нови генерации што треба да го одржат ветувањето за правда, вистина и достоинство.

Русопулос нагласи дека Балканот, иако создава многу историја, денес произведува и мудрост, покажувајќи дека соживотот може да се научи и дека европското единство е избор на волја, а не подарок на географијата.
Осврнувајќи се на актуелните геополитички случувања, тој предупреди дека демократијата ја губи својата емоционална гравитација и порача дека мора постојано да се обновува преку дијалог, при што Советот на Европа останува клучното место за тоа.


