„Политико“: Македонија нема да добие големи пофалби во новиот извештај на ЕУ, Црна Гора со најголем напредок

Пакетот за проширување на ЕУ, кој европската комесарка Марта Кос ќе го презентира утре, ќе содржи пофалби за Црна Гора и Албанија, зборови на охрабрување за Украина и Молдавија и многу помалку ентузијазам кога станува збор за Босна и Херцеговина (БиХ), Северна Македонија и, особено, за Србија, пишува бриселскиот портал „Политико“, пренесе Н1.

Кос ќе го претстави пакетот за проширување како клучна геополитичка алатка за да покаже дека Унијата „всушност одговара на предизвиците низ цела Европа“.

„Северна Македонија сè уште не ги усвоила потребните уставни измени заради вклучување на Бугарите во Уставот, што земјата се обврза да ги започне и постигне. Северна Македонија треба да ги засили напорите за почитување на владеењето на правото, особено преку заштита на независноста и интегритетот на судството и засилување на борбата против корупцијата“, објави „Радио Слободна Европа“, кој добил увид во годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите-кандидати за членство во ЕУ.

Според неа, помагањето на земјите на патот кон членство во ЕУ е начинот на кој Брисел може да се спротивстави на силите што сакаат да ја дестабилизираат Унијата.

Се очекува извештајот да ги пофали Црна Гора и Албанија, при што Црна Гора постигнува најголем напредок на патот кон ЕУ, откако ги отворила сите 33 преговарачки поглавја и се стреми кон членство во 2027 година.

Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен со лишување на новите членки од одредени права на глас за одреден период, сака да ги смири стравувањата дека проширувањето би можело да донесе „нов Орбан“ во Советот на ЕУ, што дополнително би ја намалило способноста на блокот да одлучува, пишува порталот.

Според „Политико“, се очекува извештајот за Србија да биде најстрог.

„Повеќе не можеме да дозволиме кандидатите да се кријат зад двосмислени позиции“, им рече Кос на француските пратеници, повторувајќи ги зборовите на фон дер Лајен, која побара од Србија да ги удвои напорите за приклучување кон ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот