Родовото насилство не е приватен проблем – две измени на Кривичниот законик во заштита на жртвите

Стравот, болката и понижувањата зад затворени врати се реалноста што стотици жени жртви на семејно насилство ја трпат во нивниот дом, онаму каде треба да постојат сигурност и љубов. Малтретирањето низ кое тие поминуваат, честопати останува недетектирано или неказнето од институциите поради повеќе фактори, што некогаш прави да се чувствуваат сами, незаштитени и без вистинска поддршка. Македонија не е исклучок ниту од најлошото што се случува како последица на родово базираното насилство а тоа е убиството на жена, само затоа што е жена.

-Во 2025 година се случија 4 фемициди во Македонија, вели извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жените Елена Димушевска.

Неодамна во Собранието предложени беа измени на Кривичниот Законик со кои барем едно нешто ќе им олесни на жртвите на семејното насилство – нема да се бара нивната согласност за да се гони насилникот, туку полицијата и Обвинителството ќе може да го гонат семејното насилство по службена должност. Предлогот помина во прво читање.

Пратеничката Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ, која е една од предлагачките на овие законски измени во Собранието, вели дека целта на оваа законска измена е да се направи исчекор во заштита на жените жртви на семејно насилство.

-Станува збор за измена на членот 130 за кривичното дело „телесна повреда”. Се упатува на Истанбулската конвенција и договорот на Советот на Европа за заштита на жртвите на родово базирано насилство. Според таа препорака го менуваме членот за „телесна повреда” која се однесува меѓу другото и на родово базирано насилства. Така, ќе мора делото да се гони по службена должност и ќе мора државата да постапува за ова кривично дело. Делот дека истото се гони „по тужба” се брише и жртвата нема да треба да поднесува пријава и делото ќе се гони без разлика на тоа дали жртвата сака или не сака да поднесе тужба. Едноставно, ако полицијата, медиумите, јавноста дознаат дека постои таква индиција, без разлика на жртвата делото ќе се гони по службена должност. Досегашната практика укажуваше дека жртвата за брзо време ја повлекува тужбата бидејќи има притисок од вршителот и од општеството кое ја изложува на јавна осуда и линч. Вака вршиме заштита и тоа е исчекор кој како држава го правиме во заштита на жените жртви на семејно насилство, изјави за „Слободен печат” пратеничката Бојковска.

Уште една измена на Кривичниот законик која е новина, е воведувањето на ново кривично дело „злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудио записи или списи со сексуално-експлицитна содржина” и се врши инкриминирање на дејствија на извршување што подразбираат сторител на трето лице да му направи достапна видео или друга снимка, фотографија, аудио запис или спис со сексуално-експлицитна содржина, без согласност на лицето на кое тој спис се однесува, односно без согласност на лицето кое е прикажано на снимката или фотографијата или чиј глас е снимен на аудио записот.

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство подолго време предупредува дека дипфејк технологијата треба да се внесе во законите. Во публикација за зајакнување на правната заштита од сексуално насилство преку слики и дипфејк технологија, оттаму посочија дека со напредокот на технологијата и дигиталната трансформација, светот се соочува со нови и вознемирувачки форми на родово засновано насилство кои длабоко го нарушуваат основното право на сексуална приватност.

Неконсензуалното споделување на интимни слики и видеа, како и употребата на дипфејк технологија за креирање лажни и компромитирачки сцени, претставуваат директен упад врз сексуалната автономија и човечкото достоинство. Овие злоупотреби не се само изолирани инциденти – тие се манифестации на системска злоупотреба со длабоки и далекосежни последици врз општеството, особено за жените, малцинствата и ранливите групи.

Еден од најзагрижувачките примери во Македонија е случајот „Јавна соба”, каде илјадници интимни фотографии беа споделени без согласност на жртвите, што предизвика голем шок и отвори јавна дебата за итната потреба од подобра правна заштита од сексуално насилство преку дигитални платформи. Овој случај не само што ги откри сериозните недостатоци во постојната правна рамка, туку и ја истакна итноста за преземање конкретни мерки за заштита на жртвите од ваквите форми на злоупотреба. Иако случајот резултираше со одредени измени во законите, остануваат значителни предизвици во ефикасното справување со овие нови форми на дигитално родово засновано насилство. Глобалната сериозност на овој проблем е очигледна. Истражувањата покажуваат дека 85 проценти од жените кои се активни на интернет сведочеле на некоја форма на дигитално насилство, што ја истакнува итноста од поефикасна заштита, наведоа оттаму во анализата од 2024 година.

Пратеничката Бојковска вели дека во минатото, кога се појави случајот „Јавна Соба”, законските рамки за дејствување беа ограничени и затоа со овој член идните кривични дела од ваков вид ќе има основа да се гонат.

-Ако некоја експлицитна содржина се злоупотреби, ако идентитетот се сподели со трето лице без дозвола на прикажаното лице, тогаш тоа дело кривично ќе се гони. Во поранешниот случај „Јавна соба” немавме законска одредба за да се справиме со ова, но сега со измените на Кривичниот Законик посебно ставаме акцент на заштита на жените, вели таа.

Во врска со семејното насилство, жените често се откажуваат од гонење на насилникот не затоа што насилството престанало, туку затоа што системот и околностите ги тераат на молк. Стравот е првата и најсилна причина – страв од одмазда, од уште поголемо насилство, од тоа дека насилникот ќе се врати уште поагресивен ако институциите не реагираат навреме или целосно.

Економската зависност е уште една клучна пречка. Многу жени немаат сопствени приходи, дом или поддршка, па гонењето на насилникот значи ризик од сиромаштија, бездомништво и неможност да ги издржуваат децата. Наместо заштита, тие гледаат неизвесна иднина. Тука е и недовербата во институциите. Долгите постапки, повторното сведочење, минималните казни и чувството дека некој не им верува ги обесхрабруваат жртвите. Општествениот притисок исто така игра голема улога.

Голем дел од слабостите на социјалниот систем кој треба да им гарантира на жртвите од семејно насилство механизми за заштита, се констатирани од Државниот завод за ревизија. Оваа институција во август минатата година освен што констатираше недоволна државна ефикасност на системот на заштита на жените жртви на насилства, го потенцираше и тоа дека гонењето за телесна повреда уште во тоа време се вршеше по предлог на жртвата. Според ДЗР недоволно е криминализирано психичкото насилство врз жените и тоа го нарушува објективното гонење на сторителите.

„Извршена е анализа на потребата од центри за жртви на родово базирано и семејно насилство (засолништа, советувалишта, кризни центри и СОС линии) според стандардите на Истанбулската конвенција при што констатиравме дека согласно бројот на жители во државата треба да има 184 легла во засолништа, а воспоставени се само 67 од кои 48 се од Центрите за социјални работи а 19 од невладиниот сектор. Во однос на советувалишта, потребни се 19 а има 11″, пишува во овој извештај на ДЗР.

Адвокатката Катерина Котеска Стисниовска запрашана колку нашите институции се спремни за да се гони насилството по службена должност, дали се доволно сензитивизирани и дали се доволни капацитетите од сегашен аспект на гонење по службена должност, односно колку адвокатите очекуваат оваа законска измена доследно да се применува, вели дека согласно новата измена, треба соодветна подготовка и на институциите.

Треба да добијат насоки за постапување бидејќи се работи за сензитивни материја и жртвите многу често водени од стравот и материјалната немоќ, од ситуацијата каде што најчесто имаат и деца за кои треба да се грижат, а не се станбено и материјално обезбедени, сега во ситуација кога не можат да ја повлечат пријавата може да се јави опасност да не сакаат да соработуваат со ОЈО од страв или намерно, при што ОЈО често ќе нема доволно докази и обвиненијата може да паѓаат на суд. Согласно ова сметам дека не е доволно само да се направат наведените измени, туку и да се постават конкретни основи како би се одвивал целиот процес, а особено пристапот и работата со жртвите кој сметам дека освен ОЈО треба да биде и со стручни тимови за подршка и помош на жртвата, како би била сигурна и обезбедена да помине безбедно низ целиот процес и да издржи до крајот на процесот од кој зависи казнувањето на сторителот кое ќе има влијание врз намалување на случаите на семејно насилство, ни рече Котеска Стисниовска.

Иако законите постојат на хартија, реалноста покажува дека системот честопати доцни, потфрла или целосно затајува, оставајќи ги најранливите да се борат сами за својот живот и достоинство. Потребни се повеќе средства кои овозможуваат реинтеграција, како најефикасна превенција и поддршка за жените жртви на насилство. Тоа е модел кој нуди домување, финансиска поддршка, образование, помош при вработување.

-Реинтеграцијата е превенција, зашто кога на жената која се наоѓа во економски независна позиција ќе ѝ се обезбеди домување и ќе бидат задоволени нејзините егзистенцијални потреби, притоа ќе се обезбеди нејзиниот физички интегритет, тогаш таа може да почне да размислува за својот развој и иднина, да се вложува и да стане економски независна. Со обезбедувањето на безбедно и сигурно место, децата нема да растат во насилна средина и да учат модели на однесување на насилник и жртва. Со реинтеграцијата се прекинува трансгенерацискиот пренос на насилството. Ова е еден од најважните модели на превенција, вели Димушевска.

За ова законски се задолжени сите органи на државната управа, како и здруженијата кои даваат специјализирани услуги за заштита на жените жртви на родово базирано и семејно насилство.

 

Оваа сторија е дел од проектот ReFrame: Stories That Bridge кој e финансиски поддржан од Европска Унија во рамки на Reporting diversity Network program. Содржината е одговорност на Мрежа Стела и не ги одразува ставовите на Европската Унија или на Reporting Diversity Network (RDN).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот