Рекордна 18. шампионска титула за женскиот одбојкарски клуб Работнички Скопје
Одбојкарскиот клуб Работнички Скопје е новиот шампион на Македонија во женска конкуренција. Клубот ја продолжи традицијата и по пауза од една година, одново е на врвот, освојувајќи ја рекордната 18. шампионска титула во својата клупска историја со која останува најтрофеен тим кај дамите.
Препорачано
Во „мајсторката“ од финалето на плејофот Работнички Скопје со пресврт стигна до победа од 1:3 во сетови (25:16, 20:25, 25:27, 23:25) против Наковски Волеј, односно со 3:2 во победи ја затвори финалната серија.
Слично како и на претходните четири меѓусебни дуели од завршницата, така и на последниот дуел во Струмица конкурентите за титулата одиграа натпревар со многу надигрување и надмудрување, долги поени, неизвесност и драма, во која одлучуваа нијанси и моменталната инспирација.
Свои моменти имаа и Наковски Волеј и Работнички Скопје. Како целиот натпревар и едните и другите да го одиграа со осцилации, подеми и падови, па оттаму и големиот број на пресврти во текот на целата средба. Наковски Волеј отвори со 1:0 во сетови, но со голема борба и пожртвувана игра Работнички Скопје се избори за комплетен пресврт.
Во составот на Душко Деспотовски најефикасна беше Тамара Стојанова со 20 поени, Андротеа Милевска 18, додека Антонија Баталаковска запиша 17.
За екипата на Наковски Волеј, Ивана Милева постигна 16 поени, додека Сара Марковиќ и Љиља Ковачевиќ реализираа по 15.


