Регионална конференција за заштита од пожари во Скопје: Безбедноста не е трошок, туку инвестиција во иднината
Во организација на Здружението на инженери за заштита од пожари-„SFPE North Macedonia“, денеска во Скопје започна дводневната регионална конференција за заштита од пожари со цел да се зајакне соработката помеѓу инженерската фела и државните институции, подобрување на примената на мерките за заштита од пожари и нивната контрола, како и поголема безбедност во градежништвото.
Препорачано
На конференцијата учествуваат компании, експерти и професори од 23 држави.
Друштвото на инженери за заштита од пожар (SFPE) е организација составена од професионалци во областа на заштита од пожар и протирпожарно инженерство која на светско ниво брои повеќе од 5.000 членови распоредени во околу 120 ограноци, од кој еден се наоѓа во Македонија.
Претседателката на Друштвото во Македонија, Тања Василевиќ Владев, истакна дека знаењето е најмоќната алатка за справување со предизвиците во конструкцијата на градбите и за градење отпорност. Таа нагласи дека конференцијата е доказ за релевантноста на полето и потребата од континуирана работа на заштита од пожари.
„Ова е само почеток. Нашата визија е да изградиме мостови меѓу различни дисциплини и генерации, да поттикнеме истражување и да обезбедиме поголема безбедност за сите“, порача претседателката.
На отворањето зема збор и заменик-директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Кашмир Салиу, кој потенцираше дека безбедноста не е трошок, туку инвестиција во животот и иднината.
„Нашата заедничка цел е многу јасна, да ја унапредиме безбедноста на објектите, да ја подобриме превенцијата и да го намалиме ризикот од пожари кои можат да доведат до несакани и трагични последици. Брзиот технолошки развој и современите материјали носат нови предизвици со кои мораме да се соочиме. Дирекцијата останува целосно посветена на оваа мисија“, истакна Салиу.
Биргите Месершмит, која е директорка на секторот Истражување во американската Национална асоцијација за спречување од пожари-NFPA (National Fire Protection Association) ја нагласи глобалната важност на истражувањето како најдобар начин за заштита од новите закани за пожари.
„Нашата мисија е да спасуваме животи преку информации, знаење и посветеност. Секој од вас може да учествува во процесите на стандардизација и да придонесе за унапредување на стандардите. Безбедноста е заедничка одговорност и бара ангажман на целата заедница“, порача Месершмит.
NFPA е меѓународна непрофитна организација основана во САД во 1896 година и денеска брои над 50.000 членови, кои доаѓаат од различни области — пожарникари, инженери, архитекти, истражувачи, претставници на владини агенции и индустрии.
Организацијата работи на намалување на опасноста и ризиците од пожари преку објавување Стандарди за заштита од пожар, меѓу кои и Стандардите за користење прскалки и аларми од пожар кои денеска се користат низ целиот свет.
Сите говорници заклучија дека за заштитата од пожари е потребен заеднички пристап и соработка меѓу инженерите, креаторите на политики во државите и академската фела.


