Рецепт на Стефанија Несторовска: Летна салата од хелда

Фото: Приватна архива

Благодарение на вештите раце и инвентивноста на младата Стефанија Несторовска што стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, секогаш имаме можност да пробаме нешто интересно и несекојдневно.

Денеска уживајте во неповторливиот вкус на летната салата од хелда.

Состојки:
За хелда:

– 170 грама (1 шоља) хелда во зрно
– 375 милилитри (1+1/2 шоља) вода
– 1 лажица маслиново масло
За свежа салата:
– свежа бебешка рукола
– 1 краставица
– 3-4 црвени пиперки
– многу свеж магдонос

За семки и бадеми:

– една грст семки од тиква
– една грст семки од сончоглед
– една грст бадеми (сирови)

За дресинг:

– сок од 1 лимон
– 1 лажица таан
– 2-3 лажици маслиново масло, по потреба и повеќе
– сол, по желба

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

Прво да почнеме со варење на хелдата. Во цедалка се премива хелдата со ладна, чиста вода. Во меѓувреме се додава водата во тенџере со капак на висока температура, за да зоврие водата.
Ова е опционално и може слободно да се скокне, но измиената хелда може да се потпржи на сува тава 2-3 минути, само лесно да се истостира.

Хелдата се додава во зовриената вода и инстатно се намалува температурата на ниско. Една до две минути нека се смири вриењето на водата и се додава и маслиновото масло. Се промешува, тенџерето се затвора со капак и се остава да се вари 12 минути. Кај мене беше точно 12 минути, но зависно од ринглата и тенџерето, може ќе треба повеќе или помалку. Водата треба да биде комплетно впиена и хелдата треба да биде сварена, но сѐ уште во цело зрно (не раскашавена). Се трга од оган, се остава да се излади 10-тина минути и потоа со вилушка нежно се промешува за да се одвојат зрната едно од друго.

За семките – рерната се загрева на 170 степени и на тава за печење се додаваат бадемите. Се оставаат да се потпечат 10 минути, се додаваат и семките од тиква и сончоглед, па се враќа на печење уште дополнителни 8-10 минути или сѐ додека не се комплетно потпечени и тостирани.

Краставицата и пиперките се сечкаат на ситни коцки, руколата се премива и грубо се сечка, а магдоносот се секча на ситно.

За дресингот – сите состојки се додаваат во мал сад, се промешува со маталка или вилушка за убаво да се соединат и се остава на страна.

Напомена: Сите состојки може да си ги чувате одделно и пред консумирање само да си ги соедините или, пак, ако сакате веднаш да уживате во салатата, направете го следново.

Се додава руколата, сечканите краставици, пиперките, магодоносот и се додава малку од дресингот. Се промешува убаво за да опфати секаде. Се додава хелдата, магдоносот и на крај тостираните бадеми и семки.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот