Разговор со македонскиот репрезентативец во таеквондо Дејан Георгиевски пред настапот на ЕП: Одам по злато во Софија

Најголем адут на шестчлената македонска репрезентација на европскиот собир во Бугарија е Дејан Георгиевски, кој на своето конто веќе има европски трофеи. Многу се очекува и од Филип Додевски.

Европскиот првак во таеквондо, Дејан Георгиевски има амбиција да освои златен медал на Европското првенство во Софија, што започнува денеска, а трае до недела. Георгиевски, кој е и олимписки кандидат, долго време се подготвуваше, заедно со целата репрезентација.

На ЕП во Софија тој ќе настапи заедно со европскиот крем, но се чувствува самоуверено дека може да дојде до златното одличје. Според неговиот тренер Дарко Костовски, покрај Георгиевски, многу се очекува и од Филип Додевски.

 

– На секое големо натпреварување амбицијата ми е освојување на златниот медал. Конкуренцијата во Софија ќе ми биде силна, но тоа ми е принципот, секогаш амбицијата ми е злато – вели Георгиевски, кој веќе има неколку европски медали, два во сениорска конкуренција (сребро и злато) и два во младинска конкуренција (до 21 година) – бронзи. Покрај тоа има и едно екипно европско сребрено одличје.

Во категоријата на Дејан, кој ќе настапи в недела, има 18 натпреварувачи кои ќе му бидат конкуренција за остварување на амбициите. Дејан, нашиот најдобар таеквондист, истакнува дека Европското првенство му е важно, но, најсилниот акцент ќе го стави на олмписките квалификации во првата половина на мај, што исто така ќе се одржат во Софија.

– Секако дека ова ЕП ми е многу значајно, но најголемниот предизвик ќе ми бидат олимписките квалификации. Пред тие квалификации ќе имаме специјални подготовки и се надевам дека ќе успеам да се изборам за олимписка виза за Токио годинава – вели Георгиевски. На тој турнир олимписки визи ќе изборат финалистите по категории.

Мислам дека добро се подготвив за ова ЕП. Всушност ние таеквондистите од Македонија и покрај паузата предизвикана од ковид-19 имавме силни подготовки и не изгубивме многу во формата – вели Георгиевски.
Неговиот тренер Дарко Костовски исто така со оптимизам го очекува ова Европско првенство.
– Ова е спорт и се е можно. Во Софија ќе се собере кремот од цела Европа и ќе биде тешко. Тука се олимписки, европски и светски прваци. Сепак, се надевам на медали. Најголеми фаворити за одличја во нашиот тим се Дејан Георгиевски и Филип Додевски (носител на младинска европска бронза н.з.) – вели Костовски.
Најголеми конкурети на Дејан за највисокото одличје ќе бидат Радик Исаев (Азербејџан) кој е акуелен европски шампион и Емре Куталмиш (Турција) кој исто така има европско злато.

Македонски репрезентативци во таеквондо кои ќе настапат на ЕП

Ова е составот на македонската репрезентација за ЕП во Софија: Дејан Георгиевски (над 87 кг), Филип Додевски (до 87 кг), Филип Стаменов (до 80 кг), Марко Аврамовски (до 58 кг), Анамарија Георгиевска (до 67 кг), Мила Релјиќ (до 62 кг).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот