Разговор со Емил Крстески за неговата нова збирка раскази: Расказот останува моја творечка определба
Збирката раскази „Не правете го тоа во мојот автомобил“ од Емил Крстески е објавена како 245. издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“, а својата промоција ја имаше пред крајот на 2025 година.
Препорачано
Авторот Емил Крстески е политиколог, прозаист и сликар, како и доктор по политички науки. Досега има објавено шест книги од областа на меѓународните односи и три збирки раскази. Има реализирано и три самостојни, а учествувал на две групни изложби. Кај него политичкото и уметничкото живеат заедно, но се реализираат поединечно, секое со свој посебен стил и израз.
Пред крајот на 2025 година се одржа промоцијата на збирката раскази „Не правете го тоа во мојот автомобил“. Со каква причина се појавува писателската амбиција кај еден политиколог?
– Како и многумина од нас, сум пишувал и сум објавувал поезија и раскази од мојата деветта година. Дома бев опкружен со книги, енциклопедии, списанија… па читањето ми создаде љубов и за пишување. Во основа сум новинар со магистратура и докторска дисертација од областа на меѓународното право и меѓународните односи, а пишувањето раскази ми е пасија со која се реализирам како човек во чија душа тлее уметнички пламен.
Во светот има многу писатели и уметници кои по професија биле, или се, лекари, инженери, новинари… Речиси секој од нас во себеси носи дарба за создавање уметнички дела, за откривање нови тајни, потенцијал за свое духовно облагородување, без разлика дали е тоа пишување, компонирање или сликање. Дури тогаш, со таа своја уметничка или каква било професионална реализација, можеме да постигнеме внатрешен духовен мир кој не изградува како личности, а таа битка ја бие секој сам.
И најверојатно тоа е таа причина, што покрај мојата определба за следење на меѓународните односи, ме тера да посегнам по авантурата за пишување раскази, во кои во основа се зборува за обични секојдневни нешта и односи меѓу луѓето, за љубов и омраза, за толеранција и нетрпение, за осаменост и носталгија, за исчезнување и враќање, за надеж и верба во потрагата по смислата на нашето постоење, а сето тоа „спакувано“ во една интересна и возбудлива уметничка раскажувачка форма.

Станува збор за трета збирка раскази. Каде се објавени претходните две?
– Првата збирка раскази „Три дена во Париз“ („Или-или“) е објавена во 2017 година и таа беше преведена на српски јазик и имаше промоција во Нови Сад, во Шибеник и во Прага и доживеа три изданија. Втората збирка „Флик ен Флак“ ја објави „Антолог“ во 2023 година.
Расказите се напишани со лежерен и едноставен, речиси, дневнички стил. Кога се пишувани расказите што се објавени во најновата збирка?
– Расказите во „Не правете го тоа во мојот автомобил“ главно се пишувани во последните неколку години. Нив постојано ги препрочитував, ги коригирав и мислам дека тие ја добија онаа посакувана смисла и форма што ја дефинира поентата и пораката што сакав да им ги испратам на публиката. Последниот расказ што го напишав го има насловот како и самата збирка и него го работев изминатото лето неколку месеци. Тоа е еден реален, би рекол, хипер-реалистичен расказ со дневнички карактер, како што во поговорот го карактеризира Оливера Ќорвезироска, во кој дефилираат многу интересни ликови, карактери и судбини, но во основа се зборува за љубов помеѓу главниот јунак и една девојка од Монтреал.
Инаку, дејството се одвива во Лондон 1982 година, кога таму престојував речиси два месеца. Всушност, расказите во оваа збирка се претежно емотивни, некои имаат необичен крај, а некои се навидум далеку од стварноста, но многу блиску до вистината. Сметам дека не е вообичаено авторот да ги толкува своите дела, туку тоа треба да ѝ го препушти на книжевната критика, и пред сѐ, на публиката, која најчесто си создава свој свет и свое доживување од секој прочитан расказ.
Во поговорот Ќорвезироска ќе подвлече и тоа дека овие раскази се лични, сочни, јадри, отворени, полнокрвни и жуборливи, напнати, дури и скокотливи и смели, сугестивни, кокетно и хедонистички раскажани и во јас-форма и во сезнајно трето лице; автофикциски прошетки низ сопствениот, но и низ туѓите животи; стварности вдомени во фикција, но и фикциски вдомени во стварност; документаристичко-патописни, со недвосмислена прозна амбиција наспроти лежерноста на нарацијата и дневничкиот тон. Сметам дека е сосема во право и дека овие раскази ги има доживеано во нивната вистинска смисла, форма и порака.

Чија слика е употребена на насловната корица на книгата во издание на „Или-или“?
– Тоа е мотив од една моја слика (акрил на платно) насловена „Лето“, што ја создадов во 2023 година и која ќе биде дел од четвртата моја самостојна изложба, што би требало да се реализира некаде во мај оваа година.
Во Вашата политиколошка кариера сте биле државен советник, директор на Државниот архив, амбасадор во Чешката Република. Треба ли да бараме заедничка точка помеѓу политиколошкиот и прозниот дел од Вашиот живот, или тоа се два посебни света?
– Да, тоа, би рекол, се два посебни света. Мој главен интерес, сепак, се меѓународните односи и надворешната политика, теми кои биле поврзани со мојата работа како новинар и уредник во МТВ, „Нова Македонија“, „Пулс“, и како државен советник за надворешна политика во Кабинетот на претседателот на Собранието и како Амбасадор во Чешката Република. За меѓународните односи и за надворешната политика досега имам објавено и шест книги. Заедничко за овие „два света“ е моето постојано интелектуално љубопитство за светот што нѐ опкружува и за неговото толкување од стручен или, пак, од книжевен ракурс.

Колку прозните појави се инцидентни и имате ли материјали за следни книги?
– Откако ги предадов расказите за печатење, во истиот миг се ослободив од нив и тие сега живеат надвор од мене. Не мислам и не се оптоварувам со нив. Во главата имам идеи за уште многу приказни, случувања и односи што ни ги приредува секојдневието, кои можат да бидат инспирација за нови раскази. Расказот како литературен израз ми е омилена форма и голема љубов и тој засега останува моја творечка определба.
Неодамна препрочитував дела од Џон Апдајк, Рејмонд Карвер, Вилијам Фокнер, Џон Стајнбек, Дино Буцати, Иштван Еркењ и Артур Шницлер и се уверив дека и по четириесетина и кусур години од првото нивно читање, тие ми оставиле впечаток и трага некаде во некоја фиока во мојата глава и се надевам дека ќе бидат дополнителна инспирација за мои нови објави во блиска иднина.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 316, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-19.1.2026)


