Разговор со Александар Љафтов: Сè беше на екстра ниво, на ЕП едвај чекав да уживам во одбојката и во атмосферата

фото: Драган Митрески/Слободен печат

Македонската машка одбојкарска сениорска репрезентација по третпат во својата историја учествуваше на Европско првенство во кое го оствари својот најдобар пласман, влез меѓу најдобрите 16. Годинава четири земји го организираа континенталниот собир, Македонија, Бугарија, Италија и Израел.

Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ја имаше честа да ги организира натпреварите од групата „Ц“ во која настапија и нашите најдобри одбојкари предводени од селекторот Јошко Миленкоски. Победите над Данска (3:1) и Црна Гора (3:0) во првите две кола беа клучните за Македонија да обезбеди место во нокаут-фазата. Важни беа резултатите и од други натпревари, по што беше остварена главната цел на одбојкарите, стручниот штаб и федерацијата кои заедно со љубителите на одбојката и спортот го славеа успехот.

фото: Драган Митрески/Слободен печат

Резултатите на Македонија на Евроволеј 2023 –
Групна фаза
Македонија – Данска 3:1 (22:25, 25:22, 25:19, 25:22)
Македонија – Црна Гора 3:0 (25:22, 25:18, 25:20)
Македонија – Полска 0:3 (12:25, 21:25, 14:25)
Македонија – Холандија 0:3 (19:25, 19:25, 16:25)
Македонија – Чешка 0:3 (19:25, 23:25, 17:25)

Осминафинале
Македонија – Италија 0:3 (20:25, 12:25, 15:25)

Македонија вкуси и како е да се игра против едни од најголемите европски и светски одбојкарски велесили, Полска (0:3) и Холандија (0:3). Надежите беа дека против Чешка ќе можеме да водиме борба за третото место во групата за „полесен“ ривал во следната фаза, но и тој ривал докажа на теренот дека игра врвна одбојка.

фото: Драган Митрески/Слободен печат

Македонските одбојкари им се заблагодарија на верните фанови за поддршката од трибините, со сета волја и срце „грмеа“ навивачите пред Европа. Бари беше новата дестинација за нашите репрезентативци каде во осминафиналето играа против уште едно големо име на одбојкарската мапа, Италија, која на домашен терен ја оправда фаворитската улога (0:3).

На крајот го освојуваме 16 место на Европското првенство, што е за едно место подобро од дебитантскиот настап во 2019, а две години подоцна завршивме на 23 позиција. Значаен придонес во успехот на Македонија на Евроволеј 2023 имаше и 33-годишниот примач Александар Љафтов кој беше меѓу поефикасните во нашата репрезентација, редоследно: Данска (15 поени), Црна Гора (14), Полска (6), Холандија (14), Чешка (13) и Италија (10).

фото: Драган Митрески/Слободен печат

– Настапот на ова трето по ред Европско првенство за мене, а и за сите беше најуспешно, бидејќи поминавме групна фаза и игравме осминафинале и со тоа сме во најдобрите 16 во Европа. Организациски јас тоа што можев да видам беше на екстра ниво, сè беше направено да се ужива во одбојката, ние како играчи, а исто и публиката која доаѓаше во многу голем број и искрено едвај чекав да имам натпревари и да се појавам во сала и да уживам во атмосферата. За мене беше феноменално и изведувањето на химната, и навивањето и поддршката која ја имавме, со тоа се гледа дека сме покажале добра игра и дека на Македонија ѝ фалат вакви настани – ни изјави Љафтов.

Тука не треба да се застане, ова треба да биде само поттик, за сите кои имаат добра намера во континуитет да го одржуваат овој интересен и динамичен спорт, да се вложува, за нашата земја и натаму биде присутна на големите натпреварувања.

фото: Драган Митрески/Слободен печат

– Од лично искуство после Европското првенство, ми се јавија многу луѓе каде да ги запишат своите деца на одбојка. Тоа беше и целта на нашата федерација и ние како одбојкари да направиме нешто и направиме успех за да тргне работата од некаде, бидеќи млади скоро и да немаме, кои треба нас да нè заменат за некоја година. Се надевам дека тоа ќе придонесе да излезат нови талентирани одбојкари и дека ќе продолжат каде што ние ќе застанеме, и се мачевме да ја донесеме одбојката до тоа ниво. Сега останува на клубовите и на федерацијата тоа добро да го изменаџира, и се надевам дека ќе вроди со плод – се зборовите на Љафтов.

Репрезентативците им се враќаат на клупските обврски, така и Љафтов, кој е во Дубаи во Обединетите Арапски Емирати, каде потпиша договор на една година со Ал Васл. Според најавите нашиот одбојкар в сабота ќе го има првиот натпревар и се надева на добра сезона.

фото: Драган Митрески/Слободен печат
фото: Слободен печат / Драган Митрески

ФОТО ВЕСТ: Синот на Љафтов почувствува како е да се биде на теренот пред скопската публика

ВИДЕО | Moмент за паметење: Одбојкарите и публиката во еден глас ja испеаја македонската химна

ВИДЕО | Toп 10 поени на македонските одбојкари на Европското првенство

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот