Расте бројот на странски туристи, Турците најбројни гости
Македонскиот туристички сектор во мај 2026 година забележа умерен раст, при што земјава ја посетиле 131.723 туристи, кои реализирале 236.727 ноќевања, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Најголемиот дел од посетителите биле странски туристи, кои учествуваат со 81 проценти од вкупниот број, додека домашните туристи сочинуваат 19 проценти. И кај ноќевањата доминираат странските гости со 75,8 проценти, наспроти 24,2 проценти остварени од домашните туристи.
Препорачано
Во споредба со мај минатата година, бројот на туристите е зголемен за 0,8 проценти, а бројот на ноќевањата за 2,3 проценти. Растот целосно е резултат на зголемениот број странски посетители, кои бележат пораст од 5,2 проценти, додека бројот на домашните туристи е намален за 14,7 проценти.
Во првите пет месеци од годинава земјава ја посетиле 404.599 туристи, што е зголемување од 2,6 проценти во однос на истиот период лани. Во истиот период се реализирани 744.244 ноќевања, што претставува раст од 1 процент. И кумулативните податоци ја потврдуваат истата тенденција, бројот на домашните туристи во периодот јануари–мај е намален за 4,4 проценти, а нивните ноќевања за 4,1 процент. Од друга страна, странските туристи бележат раст од 4,9 проценти, додека нивните ноќевања се зголемени за 3,3 проценти.
Најмногу странски туристи во мај пристигнале од Турција, 34.681, по што следуваат Германија со 9.578, Србија со 7.605 и Бугарија со 4.858 посетители. Податоците укажуваат дека туристичкиот раст во 2026 година и натаму е поттикнат пред сè од странските гости, додека домашниот туризам продолжува да бележи пад и кај бројот на посетители и кај остварените ноќевања.
Парадокс: имаме европски пари за рурален туризам, но каде да се гради без урбанистички планови?


