Приштина ќе биде домаќин на Медитеранските игри 2030 година, 10 од 26-те земји учеснички не го признаваат Косово

Косово ја доби организацијата на Медитеранските игри 2030/Фото: МИА

Генералното собрание на Меѓународниот комитет на Медитеранските игри (МКМИ), што се одржа синоќа во Ираклион, Грција, одлучи да му ја додели на Косово организацијата на Медитеранските игри во 2030 година.

Како што јавуваат косовските медиуми, кандидатурата на Косово, поточно Приштина, ја претставија премиерот Албин Курти, претседателот на Косовскиот олимписки комитет (КОК), Исмет Красниќи и генералниот секретар на КОК, Бесим Алити, а на седницата на Собранието на МКМИ беа присутни и други високи владини претставници, меѓу кои и тројца министри.

Кандидатурата на Косово доби поддршка и од Албанија, каде што ќе се одржат дел од настаните. Позитивна оценка за кандидатурата даде и комисија на МКМИ, која престојуваше во Косово пред една недела.

Претходно, Собранието на МКМИ ја смени регулативата со која на земјите без излез на море не им се даваше можност да ги организираат Медитеранските игри, со што се отвори патот за организирање на меѓународниот спортски настан во главниот град на Косово.

Во гласањето учествуваа 66 делегати на Меѓународниот комитет на Медитеранските игри. За кандидатурата на Приштина гласаа 55 од нив, осум беа против, а тројца воздржани.

На Медитеранските игри учествуваат спортисти од 26 земји. Десет од овие земји не го признаваат Косово.

Се очекува Косово да инвестира над 250 милиони евра за организација на овој голем спортски настан. „Приштина 2030“ ќе биде 21. издание на Медитеранските игри.

Според медиумските извештаи од Грција, на вчерашното Собание имало обиди на претставници на Србија да ја блокираат кандидатурата на Косово, но тоа не им успеало.

Откако кандидатурата на Приштина беше прогласена за победничка, со делегатите разговараше и премиерот на Косово, Албин Курти, кој рече дека ова е одлична одлука за Косово и неговите граѓани.

– Одлични вести за Косово и за сите нас. Благодарност до сите што ја поддржаа кандидатурата. Ја цениме можноста што ни е дадена да ги обединиме 26-те членки на Медитеранските игри во нашата земја… Ова достигнување е резултат на голема работа. Не се работи само за медали, туку и за поттикнување на пријателството. Овие игри ќе бидат одличен доказ за големината на Косово и медитеранскиот регион, рече Курти

Во 2026 година Медитеранските игри ќе се одржат во Таранто, Италија, а последните се одржаа во Оран, Алжир минатата година. На игрите во Оран учествуваа 3.298 спортисти, а се очекува дека над три илјади спортисти ќе учествуваат и на игрите во Приштина.

Косовските спортисти веќе учествуваа на две изданија на Медитеранските игри, на кои, благодарение на џудистите, имаат освоено неколку медали.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот