Принцот Вилијам ѝ открил на новинарка дека Кејт е бремена, а сега ѝ се суди
Принцот Хари и неколку други познати личности го тужат моќниот издавач „Асошиејтед њузпејперс лимитед“ (АНЛ). Тужбата на принцот Хари против АНЛ е неговата последна во низата тужби против британските медиуми, по години судски спор за незаконски практики на објавување на таблоидите. АНЛ енергично ги негирал обвинувањата, тврдејќи дека нивното известување е легитимно.
Препорачано
Пред лондонскиот суд се појави и Шарлот Грифитс, новинарка и уредничка на таблоидот „Мејл оф сандеј“, кој спаѓа во групацијата на АНЛ.
Тужителите го обвинуваат АНЛ за незаконско собирање информации и пласирање во нивните медиуми, а Грифитс во своето сведочење рекла дека „никогаш не користела приватен истражител или агент за пребарување“.
Шарлот Грифитс (40), меѓу другото, се најде пред судот и поради своето тврдење дека била присутна кога принцот Вилијам им објаснил на група заеднички пријатели дека неговата сопруга Кејт Мидлтон имала утрински мачнини.
Новинарката Грифитс вчера изјавила пред судот во Лондон дека принцот Вилијам ѝ рекол во 2012 година дека неговата сопруга Кејт Мидлтон е бремена со нивното прво дете (принцот Џорџ), неколку дена пред веста официјално да биде објавена во јавноста.
Грифитс на сослушувањето пред Врховниот суд на правдата рекла дека принцот Вилијам го открил тоа во текот на приватниот викенд на дружење со пријателите на крајот на ноември 2012 година, пренесе британскиот „Телеграф“.
Според нејзините зборови, принцот Вилијам тогаш објаснил дека Кејт имала силни утрински мачнини, од кои било јасно дека го очекува нивното прво дете.
Новинарката навела дека не ги објавила информациите ниту ги информирала уредниците за Кејт, бидејќи приватно дознала за тоа.
Новинарката, која рекла дека била гостинка на викендот на село во 2012 година, изјавила дека одлучила да не го информира својот уредник и да „пропушти неопислива информација“ за да ги одржи своите пријателства.
– Знаев каде е границата и решив да не ја преминам – рекла Грифитс во судницата.
Официјалната потврда за бременоста била објавена само неколку дена подоцна, откако Кејт Мидлтон била примена во болница поради тешка форма на утрински мачнини.
Грифитс сведочела во постапката што против медиумската куќа „Асошиејтед њузпејперс“ ја покренаа принцот Хари, пејачот Елтон Џон и неколку други јавни личности, обвинувајќи го издавачот на весниците „Дејли мејл“ и „Мејл он сандеј“ за незаконско собирање информации и нарушување на приватноста.
Во текот на вкрстеното испрашување, адвокатите на обвинителите тврделе дека новинарката ја измислила приказната за да покаже дека има блиски врски со кралското семејство, што таа го негирала.


