Приказната на Џо Егзотик го освојува светот – Бизарно добра серија што ќе ја изгледате во еден здив

Џозеф Ален Малдонадо-Пасаж – Џо Егзотик / Фото: AFP / AFP / Profimedia

На средина од минатиот месец, кога светот полека започна да се повлекува дома поради пандемијата со коронавирусот, една нова серија почна да се емитува на популарната платформа Нетфликс. По само две недели, оваа серија го достигна врвот на гледаност на платформата во американското подрачје, а објавите на некои најпознатите јавни личности на социјалните медиуми беше дополнителна причина за истата да стане хит и ширум светот.

Станува збор за документарната серија „Tiger King: Murder, Mayhem and Madness“ (во превод: Кралот на тигрите: Убиство, безредие и лудило), бизарна приказна која е опфатена во седум епизоди, но откако ќе ја изгледате, ќе се чувствувате како да недостасува уште некоја.

Познатиот холивудски актер Џаред Лето посвети твит на Tiger King:

Карди Би напиша дека „навива“ за Џо Егзотик и на шега напиша дека ќе започне сметка за донација за него:

О.Џ. Симпсон сподели бизарна теорија:

Дури и Ким Кардашијан, најпознатата ријалити ѕвезда е вчудоневидена од Tiger King:

Зошто оваа документарна серија е толку популарна?

Tiger King е нешто сосема различно од тоа што сме навикнати – и навистина, не станува збор за „карантински хит“, туку за нешто многу опипливо, урнебесно, лудо, мудро и темно, обвиткано во криминал и проневера. Бизарниот документарец ја следи изветоперената приказна на Џозеф Ален Малдонадо-Пасаж (57) кој се нарекува Џо Егзотик, конзервативен лик кој е сопственик на приватна зоолошка градина со 200 тигри во САД и неговото (не)пријателство со уште неколку сопственици на тигри, големи мачки и други егзотични животни… и уште многу многу други приказни.

Што? Документарна серија за сопственици на егзотични тигри и големи мачки? И тоа е толку популарно…?

Ако сметате дека овој заплет звучи досадно, навистина сте се излажале – оваа серија е се’ освен досадна. Секоја епизода трае околу 40 минути и носи нови изненадувања за кои со сигурност може да потврдиме дека не сте ги очекувале – токму затоа и оваа серија е толку популарна, а веруваме дека ќе ја изгледате во рок од два дена… или за неколку часа, како поголемиот број луѓе ширум светот.

Силвестер Сталоне на неговиот инстаграм-профил сподели дека гледа Tiger King,  а со неговото семејство се маскираше вo карактери од серијата.

Доколку во моментов го пребарате хаштагот #tigerking на која било социјална мрежа, ќе забележите дека во секоја секунда одекнува нова објава посветена на документарецот, неретко и од некоја позната личност. Тоа е така бидејќи периодов поголемиот дел од светот седи дома, а ни режисерот кој стои зад овој проект (се појавува и во самиот документарец), признава дека не очекувал настаните да тргнат во насоката која имаме можност да ја проследиме.

Што е со приказната и како да се објасни без „спојлери“?

Навистина е невозможно да се зборува за оваа документарна серија без да се откријат некои клучни детали. Затоа, ќе се обидеме да бидеме информативни, без да ви откриваме информации кои ќе ви ја уништат забавата (иако сметаме дека тоа е невозможно, бидејќи ништо не се случува два пати во оваа документарна серија).

За Tiger King може да се каже дека е документарна серија со кадри во кои може да се воочи вистински криминал, „треш“ реалити шоу и документарец за природата. Екстремноста е присутна во сите три. Вистинскиот криминал започнува уште на самиот почеток, кога се запознаваме со карактерите. Ретко кој од нив нема криминално досие, или не се занимава со активности кои може да се катеригоризираат како такви. Тука се испреплетува и природата. Голем дел од криминалните дејствија што ќе ги воочите, според карактерите се всушност дејствија „во име на љубовта кон тигрите, големите мачки и егзотичните животни“, кои се далеку од нетенденциозни – напротив, тие се многу драматични и опасни. Ќе го добиете и она морничаво чувство дека за некои од карактерите не се открива доволно, бидејќи поголемиот дел од нив се спремни на буквално се’, само за да ја исполнат својата цел, профит, престиж или за да се „спасат“, а токму тука се испреплетува чувството дека го гледате најреалното реалити шоу. Плус, како што ќе ги гледате епизодите ќе сфатите дека овие луѓе заработувале и од најголемите ѕвезди, кои ги барале нивните егзотични животни за сценски настапи, а голема е и листата на многу познати филмски наслови, како Ејс Вентура со Џим Кери, кој позајмил многу животни од еден од карактерите во документарната серија.

Зои Кравиц, актерка и ќерка на познатиот пејач Лени Кравиц, на нејзиниот инстаграм-профил сподели стара фотографрија од Бритни Спирс со тигар и еден од сопствениците на егзотични животни, кој има создадено свој култ.

ЏО ЕГЗОТИК – Лудило од човек!

Џозеф Ален Малдонадо-Пасаж (57) кој се нарекува Џо Егзотик, е 57 годишен маж. Пораснал на фарма во Канзас, а кога имал 5 години, тврди дека бил силуван од постаро момче, случка која ја раскажува и во самиот документарец. Колку знаат да бидат злобни луѓето, научил уште од мал бидејќи се жали дека неговите родители го третирале како роб околу обврските на фармата, како и дека не се сеќава дека некој од домашните некогаш му рекол „те сакам“. Инаку, вистинското презиме му е Шреибвогел, но бидејќи ретко кој успевал да го изговори како што треба, решил да го промени… многупати.

Џозеф Ален Малдонадо-Пасаж –  Џо Егзотик / Фото: AFP / AFP / Profimedia

Неколку години подоцна, со семејството се преселиле во Тексас, каде се вработил во полицискиот оддел на Иствил, место со 500 жители, каде станал шеф. Таму живеел со девојка, но навечер го истражувал ноќниот геј живот во Далас. Откако најверојатно неговиот брат открил на родителите дека е хомосексуалец, Џо пробал да се самоубие со полицискиот автомобил од еден мост. Сепак, не се знае колку е релеватна приказната за обидот за самоубиство, бидејќи неговото сведоштво за Далас Морнинг Њуз не се совпаѓа со сведоштвата на локалците, а и неговата страна од приказната ја менувал низ годините.

На свои 23 години, во 1986 година, со својот брат Геролд отвара продавница за миленици, во Арлингтон, Тексас. Тука веднаш успеал да влезе во конфликт со локалните власти поради „постојано прекршување на кодот за декорации и знаци“, откако во продавницата закачил американско знаме со линии во боите на виножотото. Поради тоа, ги обвинил инспекторите за хомофобија и за таргетирање на бизнисот само поради неговата сексуална ориентација.

Братот на Џо, Геролд загинал во трагична сообраќајка во 1997 година. Тогаш го продал бизнисот од продавницата за миленици и со родителите откупил земјиште со површина од 6 хектари во Оклахома, САД. Кога навршиле 2 години од смртта, на истото земјиште Џо го отворил „Геролд Вејн Егзотик Енимал Меморијал Парк“, приватна зоолошка во чест на неговиот брат, а два миленици на Геролд вусшност биле и првите „жители“.

Со купувањето и отварањето на неговата приватна зоолошка, започнува и приказната која е опфатена во документарната серија Tiger King. Џо сега се нарекува Егзотик и живее во зоолошката градина со многу други луѓе кои се грижат за егзотичните животни во кафези и за паркот, работат и до дванаесет часа дневно, понекогаш и седум дена во неделата. Тој излегувал од паркот кога правел тури низ државите за да ги „продаде“ своите тигри и големи мачки на посетителите, на кои им дозволува да ги милуваат. Тигрите мора да бидат стари до 6 месеци, како не би биле опасни за околината. Времињата се добри, Џо снима буквално се’ што прави, а располага и со студио кое го користи за да стрима емисии и песни.

Има и сопруг кој е дупло помлад од него и буквално се неразделни, а приказната ја збогатува и уште едно младо момче кое подоцна ќе му стане трет сопруг. Неговата самодоверба е толку голема, што во потрага за што поголема слава ќе си ја проба среќата дури и во политиката.

Фото: Твитер

Сепак, додека „добро“ му оди, тука е личноста која ја разоткрива неговата темна страна, страна која подоцна ќе го стави зад решетки. Оваа личност, Керол Бескин станува најголемиот непријател на Џо и ќе добие желба да ја убие.

КЕРОЛ БЕСКИН – непријател од пеколот

Керол (58) е голем љубител на големи мачки, активист за правата на животните и сопственик на Big Cat Rescue, природен резерват во близина на Тампа, Флорида.

Тоа што ја врзува со Џо Егзотик е нејзината борба против приватните зоолошки вмешани во големото илегално тргување и размножувањето и чувањето на егзотични животни во кафези, како и заработките кои доаѓаат на нивна сметка. Сепак, Керол води особено жестока борба конкретно против Џо, која оди до толку далеку што таа и ПЕТА го следат секој можен чекор на Џо и прават се’ што можат за да ги откажат сите негови тури ширум државите, како би го спречиле да продолжи со шоута кои инволвираат тигри и посетители кои плаќаат за да ги милуваат.

За да им возврати на Керол и ПЕТА, Џо понекогаш користи и бизарни методи кои вклучуваат пишување на песни и снимање на спотови и буквална сајбер војна на социјалните медиуми.

Керол со нејзиниот нов сопруг, кој и е голема поддршка во војната против Џо Егзотик / Фото: Принтскрин – Нетфликс

Она што ги прави бизарни методите се неговите континуирани обвинувања дека Керол го убила нејзиниот поранешен сопруг, милионерот Дон Луис, чија смрт е мистерија и денес поради невообичаените околности…

Сите други.

Иако накратко споделивме за најчесто спомeнуваните имиња во документарната серија, Џо Егзотик и Керол Бескин, во седумте епизоди се среќаваат многу повеќе карактери, но секој со својата приказна и во „своето“ време.

Режисерот Рик Киркман кој успеа да продре во сржта на животот на Џо Егзотик, првично започнал да го снима документарецот како ријалити шоу, но начинот на кој се одвиваат настаните налагаат невообичаената приказна да стане вистинското ремек дело што сега е.

Режисерот Рик Киркман се појавува во самиот документарец.

Несекојдневни судбини, сајбер војна, дрога, полигамија, пари, проневери, убиства, сведоштва, трагедија и правда… Погледнете го и трејлерот за Tiger King, ова е еден од оние трејлери кои испорачуваат повеќе од она што го ветуваат во „брзите“ две минути.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот