Премиерка на Латвија, Евика Силиња / Фото: EPA/VALDA KALNINA

Премиерката на Латвија поднесе оставка по инцидентот со украинските дронови

Премиерката на Латвија, Евика Силина поднесе оставка од функцијата, по инцидентот со украински дронови што залутаа во латвискиот воздушен простор, како и политичката криза која беше предизвикана од настанот, објави „Ројтерс“.

„Поднесувам оставка, но не се откажувам“, изјави Силиња во телевизиско обраќање.

Оставката доаѓа само неколку месеци пред редовните парламентарни избори, закажани за октомври. Според уставната процедура, латвискиот претседател Едгарс Ринкевичс треба да се сретне со претставници на сите парламентарни партии за да ги договори следните чекори околу формирање нова влада.

Кризата почна откако две украински беспилотни летала, кои влегле во Латвија од правец на Русија, паднаа на латвиска територија. Во инцидентот немало повредени, но еден од дроновите предизвикал краток пожар во складиште за нафта. Латвиските власти беа критикувани и поради тоа што предупредувањето до населението стигнало дури околу еден час по инцидентот.

Премиерката претходно го смени министерот за одбрана Андрис Спрудс, член на партијата Прогресивни, поради начинот на кој институциите реагирале на дроновите. Таа оценила дека антидронските системи не биле распоредени доволно брзо, но потегот предизвика нов судир во владината коалиција.

Левичарската партија Прогресивни потоа ја повлече поддршката за владата, со што партијата на Силиња, Ново единство, остана без мнозинство во парламентот. Така безбедносниот инцидент прерасна во целосна политичка криза, која доведе до пад на владата во една од најизложените земји на источниот блок на НАТО.

Случајот ја отвори и пошироката дилема за подготвеноста на балтичките држави да одговорат на дронови и други воздушни закани во услови на војна во Украина. Латвија, како членка на НАТО и сосед на Русија и Белорусија, веќе подолго време предупредува на зголемени безбедносни ризици, но овој инцидент покажа дека политичката цена на пропустите може да биде многу висока.

ВИДЕО | Руски дронови се урнаа во Латвија — издадено е предупредување за опасност

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот