Преку Протокол за пријателство Градот ја овластил Општина Есенлер да распише тендер за осветлување на Камениот мост
Во март оваа година Град Скопје и Општина Есенлер потпишаа Протокол за пријателство и заедничка соработка, преку кој, како што информираата од градската управа, Есенлер добила овластувања и обврски да објави тендер за декоративно осветлување на Камениот мост.
Во петокот заврши тендерот за осветлувањето на Камениот мост во Скопје, кој беше распишан од страна на турската општина Есенлер и во периодот што следи се очекува странската локална самоуправа да одлучи која од пријавените компании има најповолна понуда.
Препорачано

Во меѓувреме, од Градот Скопје одговорија на прашањата од „Слободен печат“ како е одлучено Општината Есенлер да објавува јавна набавка за македонско културно обележје од исклучителна важност и што конкретно ќе се санира и посочија дека Општината Есенлер ќе ја покрие санацијата на осветлувањето на Камениот мост.
-Не станува збор за реконструкција или реставрација на Камени мост туку за санација на осветлувањето на истиот- одговорија од Градот.
Во март оваа година Град Скопје и Општина Есенлер потпишаа Протокол за пријателство и заедничка соработка, преку кој, како што информираат од градската управа, Есенлер добила овластувања и обврски да објави тендер за декоративно осветлување на Камениот мост.
-Во изминатиот период беше потпишан протокол за пријателство и заедничка соработка помеѓу Град Скопје и турската Општина Есенлер, каде што се дефинираат обврските на турската страна која всушност има сега објавено тендер за систем за декоративно осветлување на Камени мост.- брифираат од Град Скопје.
Според Управата за заштита на културното наследство, Камениот мост е евидентиран како недвижно културно наследство, а тој е класифициран како споменик на културата од највисоко значење.
По две децении, повторно се осветлува мостот
Последен пат кога се реконструираше или имаше одредени активности на Камениот мост и неговата конструкција, беше пред повеќе од две децении, во мандатот на градоначалникот Ристо Пенов.
Тогаш овој проект не помина баш најпопулано во јавноста поради тоа што при реставрацијата на мостот се отстранија автентичните железни огради, кои беа заменети со травертин во 2004 година, а тогаш актуелни беа и препирките помеѓу градоначалникот Пенов и вработените од Заводот за заштита на спомениците на културата на Скопје. Исто така тогаш била отстранета и стражарската кула од мостот, која била повторно реставрирана во 2008 година.

Последната реконструкција на Камениот мост била помогната од страна на јапонската влада, која донирала 75.000 евра, додека пак Скопската пиварница подарила 50.000 долари.
Во разговор со поранешниот градоначалник на Скопје Пенов, кој сега е актуелен советник во Советот на Град Скопје, тој за „Слободен печат“ изјави дека кога се вршела реконструкцијата, Градот во овој процес имал задача и обврска да ги обезбеди потребните средства за активностите, како и да ги распишува тендерите за Камениот мост, додека пак целиот проект за реставрацијата на мостот ја вршел тогашниот Завод за заштита на спомениците на културата на град Скопје, кој од мај 2005 година е преименуван во Национална установа Конзерваторски центар-Скопје.
-Последната реконструкција беше пред повеќе од 20 години, тогаш Градот имаше обврска да распишува тендери и да обезбеди средства за проектот, додека пак главната улога ја имаше Заводот за заштита на спомениците на културата на Скопје, тие го водеа проектот- вели ексградоначалникот Пенов.
Тој додаде дека и во тогашниот проект било поставено ново осветлување долж Камениот мост, но, според него, тоа денеска е оштетено и расипано бидејќи оттогаш се поминати две децении, а оттогаш па до денес немало никакви активности околу санација на светилките долж ова и околу ова уникатно културно обележје.

„Слободен печат“ испрати прашања до Конзерваторскиот центар-Скопје дали ќе учествуваат во проектот за санација на осветлувањето на Камениот мост, земајќи предвид дека оваа установа го водела целиот проект при последните санации на Камени мост, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.
Од Град Скопје исто така потенцираа дека, како што велат, поради долгогодишната негрижа за Камениот мост, ова културно наследство било мета на вандализам и со оштетено осветлување, а најавија и дека градскиот инспекторат ќе „зачести“ на оваа локација во периодот што следи за да се спречат нови оштетувања.
-Камени мост и во минатото бил осветлен, но во моментов поради негрижата од минатото осветлувањето е целосно уништено. Како администрација која се грижи за историските обележја преземавме чекори за подобрување на истите, а осветлувањето е еден од тие чекори. Особено внимание преку градскиот инспекторат ќе биде посветено на спречување на било какви вандалски дејствија- велат од Градот за „Слободен печат“.

Во однос на улогата на македонско-турската комора МАТТО во овој проект, оттаму накусо одговорија дека тие биле „логистика“ и олеснувач на договорањето помеѓу Градот Скопје и Општината Есенлер, која е донатор и преку нејзините служби ќе треба да избере изведувач за овој проект.
-Македонско турската стопанска комора – МАТТО беше олеснувач во процесот на преговори за обезбедување на современо осветлување на Камени мост- одговорија од Град Скопје.
Како што може да се забележи, и последната реконструкција на Камениот мост била поддржана од донации на македонски компании и странски влади, но сепак тендерите за активностите на Камени мост тогаш ги распишувал Градот Скопје, за разлика од претстојната обнова на осветлувањето на едно од најзначајните македонски културни обележја, за која средствата ги покрива странска општина, но таа самоуправа ја распиша тендерската постапка за овој проект и ќе избира фирма која ќе врши санации и ќе го модернизира осветлувањето на Камениот мост.


