Размена на искуства по повод проектот „Скопје - европска престолнина на културата 2028“ / Фото: „Слободен печат“ - Филип Николов

Градоначалници на градови што биле европски престолнини на културата споделуваа искуства и совети во Скопје

Како дел од подготовките за проектот „Скопје – европска престолнина на културата 2028“, Градот Скопје денеска беше домаќин на градоначалниците на италијанскиот град Горица и на словенечкиот Нова Горица, како и на германскиот Кемниц, градови што веќе ја имале оваа титула, кои заедно со претставници на Европска Унија разменуваа совети и искуства за организирањето и подготовката за овој голем и значен проект за главниот град, но и за државата.

Родолфо Зиберна, градоначалник на Горица / Фото: „Слободен печат“ – Филип Николов

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека преку денешниот настан ќе се пренесат искуствата на претходните домаќини од Италија, Словенија и Германија, кои веќе го организирале проектот, кој, според градоначалникот, е од огромно значење за сплотување на скопјани.

-Денеска како градоначалник сум домаќин на тројца мои колеги со искуство како градови – престолнини на културата, како што ќе биде Скопје во 2028 година. Овој проект беше еден од најголемите предизвици откако го добив мојот мандат и оттогаш имаме сериозни подготовки. Токму затоа е и овој настан, за да се пренесат искуствата на колегите во нивните градови, со цел подобро организирање на нашиот подготвителен процес. Овој проект ќе го зголеми туризмот во главниот град, а исто така, бидејќи Скопје е мултиетнички град, овој процес е од огромно значење за сплотување на сите скопјани, кое најдобро се прави преку културата и спортот – изјави Ѓорѓиевски.

На настанот присуствуваа Родолфо Зиберна, градоначалник на италијанскиот град Горица, Само Турел, градоначалник на Нова Горица од Словенија, кои, поради фактот дека двата градови граничат еден со друг, минатата година заеднички биле прекугранична престолнина на културата и домаќини на проектот. Како претставник за германскиот град Кемниц присуствуваше Жосефина Хаге, која била програмски директор на проектот „Кемниц-европски град на културата“ минатата година.

Градоначалникот на Нова Горица, Турел, изјави дека една од главните цели на проектот „Европска престолнина на културата“ е промените и културните настани што ќе се организираат во текот на годината кога градот е домаќин, да продолжат и понатаму по завршување на проектот, со цел, како што изјави тој, културата на народот да се негува и да се одржи за годините и децениите што следат.

-Градовите Горица од Италија и Нова Горица од Словенија, каде што јас сум градоначалник, минатата година заеднички беа прекугранични престолнини на културата, земајќи предвид дека градовите граничат еден со друг. Во подготовките за Скопје да биде европска престолнина на културата, една од главните цели на проектот е да се направат културни објекти и настани што ќе продолжат да функционираат и да се организираат и по завршувањето на проектот, бидејќи културата треба да се негува и одржува за да остане за следните генерации – рече градоначалникот Турел.

Само Турел, градоначалник на Нова Горица / Фото: „Слободен печат“ – Филип Николов

Ѓорѓиевски истакна дека во рамки на овој проект во тек се сериозни активности и ревитализација на скопското Кале, Аквадуктот, Старата чаршија, каде што вчера веќе започна реновирање на дел од уличките и отстранување на дивите продажни објекти, како и осветлување на Камениот мост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот