Пред вакцинација со фајзеровата вакцина, ќе ве прашаат дали сте алергични на некоја нејзина компонента

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Вакцината на Фајзер и Бионтек не смее да ја прими никој што има историја на сериозна алергиска реакција на храна или лекарства, објавија светските медиуми повикувајќи се на упатството и предупредувањето дадено од производителите. Од Министерствтото за здравство за ,,Слободен печат” велат дека кога земјава ќе ги добие упаствата за вакцините против Ковид 19, во нив ќе бидат наведени нивните компонети, очекуваните нус појави и ризици.

„По добивањето на истата ќе ги имаме сите информации и ќе постапуваме согласно нив“, велат од Министерството.

Но, нашите извори од Комитетот за имунизација се децидни дека постои огромна разлика меѓу типот на алергиска реакција за која што предупредуваат производителите на вакцината стручно наречена „анафилакса“ и обична алергиска реакција.

Анафилаксата е четврти степен на алергиска реакција која што може да биде смртоносна во многу краток временски период. Токму ваква алергиска реакција развиле две лица што ја примиле вакцината против ковид-19 меѓутоа после неколку часа се стабилизирале. За овие двајца пациенти карактеристично било што имале долга историја на алергиски реакции и секогаш со себе носеле епи пен, уред во облик на пенкало со кој се инјектира адреналин.

Би-Би-Си: Проблеми со вакцината „Фајзер“, здравствените власти предупредуваат за алергиски реакции

Како и пред секоја друга вакцинација и при имунизацијата за ковид-19 во земајва, медицинските лица ќе ги прашувааат граѓаните дали имаат алергија на некоја компонента од вакцината.

– Вакцинацијата против ковид-19 ќе се одвива врз база на индивидуална проценка на здравтвената состојба на секој примател на вакцината од страна на лекар. Секој човек има различен имунитет, хронични заболувања, вклучително и алергии и пречувствителност кон нешто. Како за секој друг лек и секоја друга вакцина, првото прашање е дали сте алергични на некоја супстанца. За да може успешно да ја прими вакцината, граѓанинот е потребно да биде комплетно здрав што ќе треба да се утврди од страна на неговиот матичен лекар и врз основа на тоа да се даде соодветна препорака за соодветниот период на вакцинација. Сите стандарди кои ќе ги препорача Комитетот за имунизација ќе бидат во чекор со светските и истите ќе бидат спроведени кај нас со цел комплетно безбедна вакцинација на населението. Вклучително на ова, дополнително ќе се установат алгоритмите кои ќе бидат неопходни за секој граѓанин, вели за Слободен печат професор доктор Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација и професорка на Фармацевтскиот факултет.

Директорката на детската клиника доктор Аспазија Софијанова, проценува дека вакви сериозни алергиски реакции на лекарства и на храна имаат мал број од граѓаните во земјава, така што администрацијата на вакцината нема да претставува проблем односно алергиските реакции нема да афектираат голем број на пациенти.

– Имам голема верба во вакцината, особено зашто се знае од какви врвни фармацевтски гиганти е произведена. Дури и да има такво предупредување за алергиските реакции, тие нема да се однесуваат на голем број луѓе, затоа што мал дел од нив имаат такви сериозни алергиски реакции,  посочува доктор Софијанова.

Како што објави Ројтерс, повикувајќи се на генералниот менаџер на Регулаторната агенција за лекови, Џун Раин, втората доза од вакцината на Фајзер и Бионтек не треба да се даде на никој што имал анафилакса откако ја примил првата доза, било да се работи за храна, лекови или друга вакцина, неспецифицирајќи поточно за каква поточно храна и лекови станува збор.
Протоколот на производителот Фајзер кој го опишува текот на истражувањето за безбедноста на вакцината за да таа добие дозвола за употреба, наведува дека во истражувањето не биле вклучени лица со предисторија на тешки нуспојави поврзани со вакцината и тешки алергиски реакции на некоја од супстанциите од кои таа е изработена.

Анафилакса е сериозна алергиска реакција која што настапува рапидно и може да предизвика смрт. Вообичаените симптоми се чешање, потекување на јазикот и на грлото, неможност да се земе здив, повраќање, вртоглавица, низок крвен притисок и привремено слепило. Овие симптоми вообичаено настапуваат за неколку минути или часови. Најчести причинители на анафилакса се храна, лекови, убоди од инсекти.

Во светот само 2 проценти од населението ќе доживее анафилакса во одреден период од животот. Почесто ова се случува кај младите луѓе и кај жените. Од пациентите пријавени во американските болници со анафилакса кои дошле на третман, 98 проценти преживеале а само два проценти завршиле со смртен исход.

ВИДЕО: Деведесетгодишна жена од Велика Британија прва ја прими вакцината против ковид-19 на Фајзер

ФДА: Починаа шест учесници за време на тестирањето на вакцината на „Фајзер“ против ковид-19, двајца примиле вакцина, четворица плацебо

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот