Пречистителната станица во Сарај „на суво“ и по вложени еден милион евра!
Освен што ја финансирала изградбата на пречистителната станица што не работи, поради нерасчистени сметки државата на изведувачот му плати отштета од околу 160 илјади евра.
Општина Сарај има пречистителна станица за отпадни води, но шест години откако е завршена сѐ уште не профункционирала. Оваа инвестиција на државата засега ѝ носи само загуби, а постои опасност и целосно да пропадне, иако градежните работи одамна се завршени. Дополнително, освен што ја финансирала изградбата на пречистителната станица што не работи, поради нерасчистени сметки државата на изведувачот му плати и отштета од околу 160 илјади евра, па сега овој објект го чини државниот буџет околу еден милион евра.
Препорачано
„Слободен печат“ ја истражуваше приказната за пречистителната станица за прибирање и третман на отпадните води на селата Глумово и Шишево во Општина Сарај, која беше најавена како проект со цел да се намали загаденоста на водите на реката Треска. Иако се поминати 11 години откако Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), кое е носител на проектот, потпишало договор за изградба на станицата, оттаму нема објаснување зошто пречистителната станица до ден-денеска не е ставена во функција. Сепак, признаваат дека една од причините за застојот е и судскиот спор што изведувачот го има поведено против Министерството. Изведувачот, компанијата „АК Инвест“ од Тетово, неодамна го доби тој спор.
Непредвидени и дополнителни работи
За изградба на пречистителна станица Глумово-Шишево, Министерството издвоило од својот буџет околу 44 милиони денари, на изведувачот му бил даден рок од три години за завршување на изведбените работи, а во 2015 година е склучен Анекс на договорот за продолжување на рокот на изградбата. Тетовската фирма го тужеше МЖСПП, иако парите им биле целосно исплатени, но таа побарувала дополнителни 10 милиони денари на име на непредвидени и дополнителни работи.
„Со оглед дека побарана сума изнесува повеќе од 24 отсто од вкупната вредност на договорот што имаше клаузула „клуч на рака“ во согласност со Законот за облигациони односи, кој подразбира дека во договорената цена спаѓаат и непредвидените и дополнителни работи, МЖСПП не беше во состојба да ја прифати. Судот донесе одлука со која делумно се уважува тужбеното барање на тужителот“, пишува во појаснувањето добиено од Министерството за животна средина.
Оттаму се правдаат дека и покрај тоа што била обжалена пресудата, годинава извршното решение станало правосилно, а МЖСПП морало да му исплати на „АК Инвест“ 10.015.654,00 денари, односно 162 илјади евра. Со овие пенали, заедно со целосно платената пречистителна станица што никогаш не е ставена во функција, буџетот на државата е олеснет за околу еден милион евра.
Изградбата на пречистителната станица за Глумово и Шишево течеше паралелно со изградбата на пречистителната станица во Волково, која беше завршена и пуштена во употреба во 2017 година, за разлика од таа во Сарај.
Градоначалникот Блерим Беџети недостапен
Одговор за тоа зошто не работи пречистителната станица, најавена како важна инвестиција во животната средина во Општина Сарај, не добивме од нејзиниот повеќекратен и актуелен градоначалник Блерим Беџети, иако повеќепати се обидовме да го добиеме на неговиот телефонски број. Од лицата за контакт во Општината ни беше кажано дека ќе нѐ побараат доколку добијат некаква информација за овој случај.
Од Министерството за животна средина информираат дека Општина Сарај требало да изработи проект, по кој МЖСПП ќе распише тендер за изградба на одводна мрежа со која отпадните води ќе се поврзат со пречистителната станица, што е обврска на Општината.
„Имајќи ја предвид важноста на овој инфраструктурен објект, МЖСПП во неколку наврати ургираше до Општината за постапување според обврските. Во исто време, МЖСПП во континуитет обезбедува буџетски средства за ова намена, но не е во состојба да ги реализира додека не добие проектна задача од Општината“, пишува во образложението.
Жителите не се расположени да плаќаат?
Неофицијално, „Слободен печат“ дознава дека причината што Општината не изградила секундарна канализациона мрежа во селата е што жителите на овие села не биле расположени да плаќаат за приклучоци, како и за надоместок за прочистување на отпадните води, а без тие средства пречистителната станица нема да може да се одржува во функција.
Во Министерството дури се разгледувала и опцијата, поради неизвесната иднина на оваа инвестиција, од пречистителната станица да се демонтира опремата и да се конзервира на друга локација, бидејќи во моментов на објектот нема соодветно обезбедување.


