Празнични крокети: Со компир и спанаќ

Фото: Pixabay

Крокетите се популарни како улична храна, се служат и како предјадење во ресторани, но домашно приготвените се највкусни.

Според една популарна теорија, крокетите биле измислени во 1879 година, во екот на војната на Пацификот, од страна на перуански војници на кои им била потребна издржлива, однапред подготвена храна. Тие го готвеле месото, го зачинувале и го ставале во издлабениот компир, кој подоцна бил пржен и завиткуван во крпи.

Крокетите за време на празничните денови се особено популарни бидејќи брзо се приготвуваат, одлично одат во комбинација со голем број пијалаци и се одлична закуска доколку ви се најават гости.

Состојки:

– 800 г компир
– 150 г спанаќ
– 150 г брашно
– 50 г маргарин
– 1 поголемо јајце
– 1 лажица сол
– 100 г тврдо сирење

За пржење:

– брашно
– 1 јајце
– 4 лажици млеко
– лебни трошки
– масло за пржење

Подготовка:

Добро измијте го компирот и со лушпа ставете го да се вари. Варениот компир исцедете го од водата и откако малку ќе се излади, излупете го. Лупениот компир потоа ситно издробете го, па оставете го сосема да се излади. Потоа додадете го обарениот ситно сецкан спанаќ, јајцето, маргаринот, посолете и сето тоа добро измешајте го.

Постепено додавајте го брашното и со раце измесете го тестото. Лажица тесто ставете на набрашнета површина и благо притиснете го како диск. На средина ставете парче сирење, па потоа формирајте долгнавеста форма.

Во меѓувреме припремете сè што треба за пржење. Во една чинија ставете малку брашно, во друга изматете го млекото со јајцето, а во трета ставете ги лебните трошки. Обликуваните крокети од компир најпрво тркалајте ги во брашното, потоа поминете ги низ јајцето и на крај во лебни трошки. Пржете во поголема количина на масло.

Добар апетит!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот