Фото: Приватна архива

Празнична магија во вашиот дом: Четири предлози за „направи сам“ новогодишни орнаменти од „Хоум бај Мон“

Рачно изработените орнаменти за новогодишна елка носат посебна топлина и магија во домот. Секој украс е уникатен, создаден со љубов и внимание кон деталите.

Пред нас e најмагичниот период од годината, кога сечиј дом зрачи со топлина, многу бои и светилки. Главниот празничен декор несомнено е новогодишната елка, која може да се украси на безброј начини. Но, можеби најуникатниот и најекономичен начин е кога се украсува со рачно изработени новогодишни орнаменти.

Рачно изработените орнаменти за новогодишна елка носат посебна топлина и магија во домот. Секој украс е уникатен, создаден со љубов и внимание кон деталите.

Моника Младеновска Бунтеска, креаторот кој стои зад инстаграм-профилот и јутјуб-каналот „Хоум бај Мон“, е позната по своите „направи сам“ изработки за уредување домови. Меѓу сите нејзини интересни и креативни декорации за ентериер може да ги најдете и оние инспирирани од новогодишните празници.

Таа слободното време го поминува во креирање, реставрирање и уредување, а новогодишните и божиќните празници за неа се совршен период за творење.

– Новогодишните и божиќните празници за мене се време на бавност, посветување време на домот и семејството, но и совршено време да бидеме креативни и да направиме нешто сами – вели Моника.

За празниците секогаш се труди да создаде чувство на топлина во домот, па затоа најчесто користи природни материјали за изработка на орнаменти и декорации.

– Во просторот сакам природни елементи, гранчиња од зимзелени дрвја, шишарки, стаклени шишиња претворени во свеќници и минималистички детали наместо пренатрупан декор. Истото важи и за елката, која секогаш ја декорирам во декември. Традиција која ја оддржувам со години е секогаш да ги правам сама орнаментите, и секоја година да додавам барем по еден нов, рачно изработен украс. Таа е најчесто декорирана минималистички во неутрални бои, како и мојот дом генерално – открива Моника.

Нејзината главна инспирација за новогодишните орнаметни е природата и секогаш користи материјали кои се во нејзината околина.

– Инспирацијата за новогодишните орнаменти ја црпам од природата и од тоа што веќе го имам дома – суви портокали, парчиња ткаенина, глина и листови хартија. Во време на масовно производство и евтин шопинг, јас верувам дека најубавите украси се оние што ќе ги направиме сами. Не трошиме материјални средства, ја намалуваме консумацијата, и создаваме нешто уникатно за нашиот дом – вели таа.

Во продолжение погледнете ги четирите предлози за „направи сам“ новогодишни орнаменти, кои ќе ја разубават новогодишната елка во вашиот дом.

Оригами ѕвезда:

Фото: Приватна архива

1. Исечи 2 подебели ливчиња хартија во боја и големина по избор
(јас користев хамер во боја)
2. Преклопи ги на пола од двете страни, а потоа и дијагонално
3. Засечи ги до пола сите четири страни
4. Преклопи ги и залепи ги со лепак
5. Спој ги двете половинки и залепи коноп за закачување

Фото: Приватна архива

Дрвен венец:

Фото: Приватна архива

1. Исечи мало парче жица и свиткај го во круг
2. На него нанижи ги дрвените монистра
3. Затвори ја жицата на двата краја и спој ги со коноп
4. Залепи машничка или гранчиња од елка

Фото: Приватна архива

Топче од хартија:

Фото: Приватна архива

1. Од лист во боја по избор исечи 30-40 крукчиња, сите со еднаква големина
2. Преклопи го секое крукче на пола и залепи го ставајќи една линија лепак во средината
3. Залепените полукрукчиња залепи ги едно со друго со две линии лепак
4. Стави коноп за закачување и залепи ги почетокот и крајот

Фото: Приватна архива

Мразулец од глина:

Фото: Приватна архива

1. Исукај едно мало парче глина
2. Исечи тенка лента, околу 1 см
3. Почни да ги вртиш едниот крај и другиот крај на различни страни
4. Направи дупче за коноп на едниот крај, а шпиц на другиот крај
5. Остави го да се исуши и протни коноп за закачување

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот