Поранешниот член на ШК Алкалоид Лирен Динг е новиот светски шампион во шах

фото: Архива на ШК Алкалоид

Шаховскиот велемајстор Лирен Динг создаде историја со шаховскиот клуб Алкалоид во 2016 година, кога го предводеше најтрофејниот клуб во Македонија до шампионската титула на Европскиот клупски куп одигран во Нови Сад, Србија, а со триумфот во „тај-брејкот” од дуелот со Јан Непомнијачи, стана новиот светски шампион во шах.

Тој играше на првата табла за македонскиот шампион и во настапите на Европскиот клупски куп во 2017 и 2018 година, при што има и уште еден трофеј за второто место во Анталија, Турција.

Лирен има 30 години и со ова стана првиот кинески шахист што стигнал до светската титула во поединечна конкуренција, додека меѓу дамите има шест шахистки кои доминираа на светската сцена во последните три децении.

Мечот за титулата се играше во Астана, Казахстан, а по 14 партии обајцата претенденти имаа по седум бода, по што се пристапи кон играње четири партии со забрзано темпо од 25 минути по играч.

– На клупско ниво, горди сме што Лирен е дел од нашата историја и се надеваме дека наскоро повторно ќе го видиме по паузата која се случи поради пандемијата. Тој е врвен шахист и не кријам дека навивавме за него во овој дуел. Секако дека е голема чест и задоволство, да се биде капитен на една прекрасна личност која се одликува со скромност и повлеченост, карактеристики кои се толку нетипични во денешно време – рече капитенот на ШК Алкалоид, велемајсторот Драган Јаќимовиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот