Бети Ѓорѓевиќ / Фото: Скриншот/Јутјуб

Почина српската пејачка Бети Ѓорѓевиќ, позната по хитот „Почнимо љубав испочетка“

Пејачката Благица Бети Ѓорѓевиќ, позната по бројни регионални хитови, меѓу кои и „Почнимо љубав испочетка“, почина на 80-годишна возраст, пренесува српскиот медиум „Телеграф“.

Родена во 1946 година во Куманово, Бети Ѓорѓевиќ на музичката сцена на поранешна Југославија стапна кон крајот на шеесеттите години. Заедно со сопругот Слободан Боба Ѓорѓевиќ и неговата група настапувала во американски клубови во Западна Германија, по што со својот глас и талент ја освојувала публиката и во белградскиот хотел „Југославија“.

Својот прв сингл „Крај моје туге“ го објави во 1974 година. До почетокот на осумдесеттите години издаде десетина синглови и настапуваше на познати фестивали како „Београдско пролеќе“, „Хит парада“, „Опатија“ и „Сплит“. Песната на Александар Кораќ „Почнимо љубав испочетка“, која премиерно ја изведе на „Београдско пролеќе“ во 1976 година, ѝ донесе голема популарност.

Со доаѓањето на новите музички трендови делумно се повлече од сцената, но продолжи повремено да настапува во белградските клубови. Во 2012 година, дискографската куќа „Сити рекордс“ ја објави компилацијата „Најдоброто од Бети Ѓорѓевиќ“ со 23 нејзини најпознати песни.

Во последните години повторно беше активна. Во 2016 година го сними синглот „Нисам знала“, а во 2018 година настапи на „Беовизија“ заедно со Рамбо Амадеус со песната „Нема те“. Со составот „Јован Маљоковиќ бенд“ во 2020 година го објави синглот „Један поглед“.

Минатата година, на обновениот фестивал „Београдско пролеќе“, ја прими специјалната „МТС награда“, изработена од бакарен дел од покривот на некогашната сала на Домот на синдикатите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот