По контроверзната изјава на Тимоти Шаламе за операта, Андреа Бочели го покани актерот на негов концерт
Легендарниот италијански тенор Андреа Бочели упати порака до актерот Тимоти Шаламе, нагласувајќи дека операта, балетот и филмската уметност произлегуваат од ист извор на човечки емоции и дека овие уметнички форми не се застарени, пренесува „Холивуд репортер“.
Препорачано
Бочели, кој се смета за еден од најголемите современи авторитети во оперското пеење и кој во текот на својата кариера има продадено повеќе од 90 милиони носачи на звук, му испрати и лична покана на Шаламе да присуствува на некој од неговите концерти доколку сака подобро да ја запознае операта.
„Убеден сум дека чувствителен уметник како Тимоти, кој ја разбира моќта на емоциите, еден ден може да открие дека операта и балетот потекнуваат од истиот извор. Доколку некогаш биде љубопитен, со задоволство би го угостил на еден од моите концерти. Понекогаш се доволни само неколку минути слушање на оваа музика во живо за човек да сфати зошто и по толку векови таа сè уште е сакана низ целиот свет“, порача Бочели.
Изјавата доаѓа откако Шаламе, за време на разговор со актерот Метју Меконахи на настан организиран од една телевизиска мрежа и едно списание, изјави дека не сака неговиот филм да заврши како „балет или опера“, каде уметниците се обидуваат „да одржат нешто во живот иако повеќе никому не му е грижа за тоа“.
Бочели не е единствениот од оперската заедница што реагираше на овој коментар. Неколку оперски куќи ширум светот се огласија на социјалните мрежи и го повикаа актерот да присуствува на нивни претстави.
Се огласи и познатата американска балерина Мисти Коупленд, која го коментираше ставот на Шаламе за овие уметнички форми.
„Најпрво морам да кажам дека ми е многу интересно што ме покани да бидам дел од промоцијата на филмот ‘Марти Суприм’, поврзано со мојата уметничка форма“, изјави таа.
Инаку, Коупленд на крајот на 2025 година објави фотографија на социјална мрежа на која носи јакна со натпис „Марти Суприм“, додека на официјалниот профил на филмот беше споделена нејзина фотографија од детството како балерина со пораката „Сонувај големи соништа“.


