По ИВЗ, Бектеши ја замоли и МПЦ да штеди струја

Фото: МИА

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оствари средба со поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски господин господин Стефан, на која разговараа за енергетската криза и мерките кои ги презема Владата за полесно справување со неа.

Министерството за економија соопшти дека Бектеши го информирал поглаварот на МПЦ за мерките и препораките на Владата за штедење електрична енергија за институциите, домаќинствата и за бизнисот.

– Ситуацијата со енергетската криза со која се соочуваме е сериозна и апелираме до сите граѓани да придонесат секој на свој начин полесно да го пребродиме периодот што следува. За нас е важна поддршката од верските заедници во државата со цел да се подигне свеста кај граѓаните во овој тежок период што следува сите заеднички да заштедиме електрична енергија со тоа да и помогнеме на државата. Доколку има недостиг од електрична енергија, ќе треба да се купи од надвор по многу повисока цена, а тоа повторно ќе биде на трошок на сите граѓани, кажа министерот Бектеши.

Архиепископот Стефан изјави дека Црквата и досега силно апелирала до своите верници да покажат грижа за општото добро во овие тешки времиња, а на седница на Светиот архијерејски синод, која ќе се одржи следната седмица, се очекува да се состави и официјално јавно соопштение во кое сите свештени лице ќе бидат повикани на локално ниво, во своите парохии, да им укажуваат на верниците на МПЦ за насушноста на потребата од штедење, за да си помогнеме себеси и на државата.

„Двајцата се согласија дека е важно во овој период сите рационално да трошат електрична енергија и упатија порака дека во оваа криза сите треба да бидеме свесни и да штедиме. Да не се троши струја непотребно, да го разбереме времето во кое живееме, затоа што никој не може да ни помогне во кризни времиња, ако ние самите не си помагаме“, соопшти Министерството за економија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот