ПМС: Венера е насекаде, и права спонзоруша е

Симболите на „родовиот идентитет“, Венера и Марс, кои вообичаено се користат за означување на полот се дел од системот на универзални симболи, широко распространети и препознаени секаде во светот. Симболот на „машкиот“ род – круг, а над него стрела, и „женскиот“ симбол – круг со под него крст, се користеле во астрономијата уште пред 2.500 години, заедно со првите графички симболи цртани за да ги претстават небесните тела – Сонцето, Земјата и Месечината. Поточно, „машкиот“ симбол одговара на планетата Марс, а „женскиот“ симбол на планетата Венера, кои во митологијата соодветно ги претставуваат богот на војната и божицата на убавината. Венера, денес, се користи за да ја претстави женственоста во широка смисла. Самиот симбол го претставува огледалото на грчката божица на љубовта, убавината и плодноста – кругот го претставува огледалото, а превртениот крст, рачката на огледалото. Кругот потсетува и на бесконечниот циклус на денот.

Сумерите ја сметале Венера за утринска и вечерна ѕвезда, гледајќи во неа прва ѕвезда што се појавува на изгрејсонце, а последна што останува видлива на зајдисонцето. Интересно е дека симболот на Венера е, исто така, алхемиски симбол за бакар, материјал од кој биле правени кружните огледала со рачка во античка Грција. Кипар, островот на кој, според легендата, се родила Венера, во минатото бил најголем извозник на бакар. Симболот на Марс пак, ги претставува штитот и копјето на богот, и тој е алхемиски симбол за железо.

Толку за симболите. Да видиме што знаеме за самата божица Венера, која е, нели, симбол на женственоста и за совшената убавина, односно поим и инспирација за совршена жена. Нема записничари кои детално го опишале начинот на кој божицата Венера станува совршена. Дали копнежот да се биде совршен, со текот на времето, „ги избришал“ митолошките факти: Сопругата на куциот ковач сè што не можела да добие од својот маж го земала од борбениот Марс (патем, тој бил оженет, со Нерија), кој подклекнувал пред лицето на страста. Уметноста која му недостасувала на воинот Марс ја пронаоѓала кај веселиот Дионис, па оттука и долгите раскалашни ноќи со него. Но, ниту еден од нив не знаел да ја маѓепса со моќта на зборот која ја имал умниот Меркур, и еве ги нивните тајни средби. Самоувереноста на четворицата, морала да биде разблажена со едноставноста добиена преку прегратките на обичниот смртник Анхис.

Попатно, совршената Венера, од љубов убива дури двајца, Парис и Нарцис. Првиот несакајќи, вториот- свесно, казнувајќи го за невозвратените чувства кон неа.

Тогаш, кон каква совршеност сме се стремеле со векови кога поимот за совршенство ни била Венера? И колку мажи треба да „изманипулираме“ за да бидеме „совршени“ како Венера? А, како никогаш претходно, денес, копнежот за совршенство, ја добива својата материјална, телесна форма. Венера е веќе насекаде. И што е пострашно, ако совршената божица Венера тоа го правела за да се чувствува цела и исполнета, овојпат Венерите тоа не го прави за својата целост и исполнетост. Туку, за пари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот