Пијан Русин се обидел да го украде телото на Ленин

Руската полиција приведе пијан маж, кој се обидел да го украде телото на Владимир Илич Ленин од мавзолејот на Црвениот плоштад во Москва, јавува руската државна новинска агенција ТАСС.

„Инцидентот се случил ноќта на 6 февруари. Маж е уапсен кога се обидел да упадне во мавзолејот каде што се наоѓа телото на Владимир Ленин и да го извади. Подоцна било откриено дека човекот бил пијан“, потврдил полициски извор.
Полицajците во текот на ноќта забележале сомнителен минувач како се движел во близина на мавзолејот, а кога почнал да ја влече вратата и да се обидува да влезе внатре, полицијата го привела.
Наводно, на местото на настанот била повикана брза помош, а лекарите констатирале дека мажот има психичко нарушување предизвикано од дејство на алкохол.

За време на сослушувањето, мажот постојано се обидувал да побегне, но на крајот признал дека намерата му била да го украде телото на Ленин. Приведениот не знаел да објасни кои биле неговите мотиви.
Поранешниот советски државник Владимир Илич Ленин почина на 21 јануари 1924 година, а пред смртта не ја изразил својата желба на кој начин сака да биде погребан. Затоа, неговото тело било балсамирано, а во 1930 година била завршена изградбата на мавзолејот во кој било поставено телото. Милиони туристи и обожаватели го посетија овој мавзолеј.