Петровиќ: Целта на МЗТ ќе биде да се обезбеди опстанок во АБА-лигата

МЗТ Скопје Аеродром ги сподели амбициите за сезоната 2022/2023/фото: Слободен печат

МЗТ Скопје Аеродром се подготвува за новата сезона во која покрај домашните натпревари, ќе настапува и во елитната АБА-лига каде се враќа по четиригодишна пауза. Како одлична најава беше освоениот трофеј на Суперкупот на Македонија и убедливата победа во СРЦ „Кале“ над ТФТ.

„Металците“ предводени од тренерот Александар Петровиќ првиот меч во регионалното натпреварување ќе го имаат в сабота на гостувањето кај Црвена звезда, актуелниот шампион на АБА-лигата.

Промовиран е новиот состав, клубот ги сподели амбициите на домашната и регионалната сцена. На прес-конференцијата покрај медиумите, присуствуваа тренерот Петровиќ, капитенот на екипата Дамјан Стојановски и извршниот директор на клубот, Филип Ѓорески.

– Амбициите на клубот се освојување на домашните титули и што подобра презентација во АБА лигата. Не сакаме да се создаваат некои непотребни притисоци, одиме натпревар по натпревар. Секој меч за нас ќе биде како финале – се зборовите на Ѓорески.

Петровиќ вели дека поради повреди ќе недостасуваат Адем Мекиќ и Американецот Еван Максвел. За овој вториот според медицинската анализа ќе се утврди дали ќе биде потребно да се ангажжира нов центар. Ситуацијата со Мајк Кафи е добра и се очекува да биде во составот за саботната пресметка во Белград.

– Очекувам една интересна, но и тешка сезона. Целта е да ги освоиме домашните титули, а во АБА лигата посакуваме на крајот од сезоната да обезбедиме опстанок. Сметам дека АБА лигата е во Топ 3 најдобри во Европа. Нашиот прв противник е в сабота, Црвена звезда, која е евролигаш, има доста поголем буџет од нас, можеби и за 10 пати. На овој дуел не одиме со бело знаме, ќе го дадеме максимумот, одиме да се надигруваме, да уживаме. Очекувам една добра сезона, задоволен сум од тоа како работат моите играчи на тренинзите. Воедно сме свесни дека пред нас е еден тежок распоред, во првите пет кола ќе играме против четири екипи кои се фаворити за највисок пласман. Најважен ќе биде мечот од петтата рунда дома против Студентски Центар Дерби. Во преден план е да имаме здрави играчи, а што помалку имаме проблеми со повредени. Ќе им даваме шанси и на помладите, особено во домашното првенство, желни да се докажуваат – рече Петровиќ.

Д. Стојановски исто така посакува МЗТ што подобро се претстави во регионалната АБА-лига.

– АБА лигата оваа сезона мислам дека е најквалитетна според буџетот на клубовите. Одиме да се надигруваме, да го претставуваме клубот. Ние на секој натпревар ќе одиме на победа, а секоја победа ќе биде и за македонската клупска кошарка – вели Стојановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот