Пејачката ФКА Твигс повторно на суд со поранешниот партнер Шаја Лабаф – го тужи за незаконски договор и застрашување
Пејачката ФКА Твигс (Талија Барнет) поднесе тужба против својот поранешен партнер, актерот Шаја Лабаф, поради, како што наведува, „незаконски“ договор за доверливост (NDA) вклучен во спогодбата што произлезе од нејзината тужба од 2020 година. Според тужбата, до која дојде списанието „Варајети“, адвокатите на пејачката тврдат дека Лабаф изнудил спогодба која содржела незаконски услови според калифорнискиот Закон за забрана на договори за неискажување (STAND Act).
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Овој закон ги поништува деловите од договорите за тајност во спогодби што се однесуваат на случаи на сексуално злоупотребување.
Во документите се наведува и дека Лабаф во 2025 година започнал „тајна арбитражна постапка“, обидувајќи се да наплати голема сума пари за наводно прекршување на спогодбата од 2020 година.

Спорното интервју од 2025 година
Неговата постапка, наводно, се однесува на изјави на Барнет дадени во интервју за „Холивуд репортер“ во октомври 2025 година, каде што беше прашана дали се чувствува безбедно по нивната врска.
Во тужбата се додава дека, дури и спорните одредби за тајност да биле законски, нејзините изјави се општи и безопасни, и како такви – заштитени.

„Кампања на застрашување“
„Кампањата на Лабаф за застрашување и злоупотреба на правниот систем не ја оцрнува само Барнет, туку и секој преживеан од сексуално злоупотребување. Како што јасно предвидува калифорниското законодавство, тие треба да имаат право да ги раскажат своите приказни без страв или присила“, се наведува во тужбата.
Адвокатите на Барнет тврдат дека таа била „принудена“ да ја поднесе оваа постапка за да се спротивстави на, како што велат, „погрешниот и перверзен правен став“ на Лабаф.
Тој, пак, тврди дека не е опфатен со STAND Act, бидејќи во 2020 година бил тужен за „сексуално насилство“, а не за „сексуален напад“, иако законот ги опфаќа и двете категории.
Да потсетиме, во декември 2020 година Барнет поднесе тужба против Лабаф пред Вишиот суд во Калифорнија, обвинувајќи го за физичко, сексуално и психичко малтретирање за време на нивната врска.


