Паста фажол: Легендарно италијанско јадење кое ќе ви ја стопли душата

паста
Паста фажоле или паста со грав / Фото: Profimedia

Паста фажол или паста со грав е вкусно и многу едноставно јадење со потекло од Италија, кое се подготвува од само неколку состојки по пристапни цени.

Не се знае каде е приготвено за првпат, но секако е јадење на сиромашните, кое со текот на времето се прошири низ целиот свет. Како што сугерира неговото име, фокусот е на тестенините и гравот.  Иако во Италија секое домаќинство има свој рецепт за совршена паста со грав, Италијанците следат некои основни правила. Во рецептот најчесто е вклучен бел или шарен грав, кој најдобро е да се готви одделно.

Секако, ова јадење може да се направи и со конзервиран грав, а кога се во прашање тестенините, најчесто се користат диталини или ситни мали макарони. Италијанците знаат како да ги искористат сите остатоци од сувите тестенини од своите остави, само ставете ги тестенините во кујнска крпа и искршете ги со чекан за месо за да станат поситни!

Потребни состојки:

– 500 г варен грав
– 300 г суви тестенини
– 100 г панчета
– 3-4 домати од конзерва
– 2-3 чешниња лук
– 1-2 литри зеленчукова супа
– малку маслиново масло
– гранче свеж рузмарин
– сол и бибер по желба
– рендано сирење или кашкавал по желба

Подготовка:

Натопете го гравот ноќта пред да го варите, исцедете ја водата и варете го следниот ден на вообичаен начин. Во гравот можете да додадете неколку чешниња лук и малку свеж магдонос за подобар вкус. Посолете го гравот дури на крајот од готвењето. Во поголемо тенџере пропржете ја ситно сечканата панчета на малку маслиново масло додека не добие убава кафена боја. Потоа додадете ги исчистените чешниња лук и рузмаринот и динстајте минута-две. Во тенџерето ставете ги претходно исечканите домати од конзервата, сè добро измешајте и динстајте неколку минути. Додадете дел од варениот грав во садот, сè добро измешајте и динстајте за да се соединат вкусовите. Потоа додадете ги сувите тестенини и постепено додавајте од зеленчуковата супа или бујонот во тенџерето. Течноста треба да биде околу 5 сантиметри над останатите состојки во тенџерето, бидејќи тестенините ќе впијат многу вода за време на готвењето. Внимавајте на садот и мешајте редовно, бидејќи тестенините може да се залепат на дното на тенџерето. Додадете повеќе вода или супа ако забележите дека садот е премногу сув. Додадете сол и бибер по желба.

Ова јадење се служи топло со парче леб. По желба можете да го послужите и со малку рендано сирење или кашкавал.

Добар апетит!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот