Паркот кај „Капитол“ ќе добие гумена подлога, „шарените“ бекатонки ќе бидат само потпора
Пред еден месец веќе можеа да се забележат градежни активности на оваа локација, но дел од аеродромци веќе започнаа да се подбиваат со моменталниот изглед на паркот, кој го нарекоа „све ми боје лепо стоје“, „скверовача“, „Трст виа Скопје“ и слично, при што порачаа дека доколку остане вака, паркот воопшто нема да биде атрактивен за семејствата и воедно ќе го нарушува изгледот на општината.
Иако само пред еден месец започна реновирањето на просторот на кој се наоѓаше сега веќе срушената игротека покрај поранешниот ресторан „Дежа Ву“ во Аеродром, жителите веќе започнаа да забележуваат и да се запрашуваат до каде е изградбата на детскиот парк и игралиштето покрај „Капитол мол“, откако десетина дена може да се забележи како подлогата е „шарена“, со оштетени павер елементи и бекатонски плочки во различни форми.
Препорачано

Преку донација, „дивата“ игротека се претвора во детско игралиште
Претходно, откако Општината го сруши објектот кој функционираше како детска игротека поради тоа што, како што ни соопштија тогаш од локалната самоуправа, објектот долги години функционирал со решение за поставување урбана опрема кое било издадено пред една деценија, но никогаш не било обновено.
– Започна отстранувањето на објектот кој со години беше поставен на тревникот покрај булеварот „Јане Сандански“. Овој објект функционираше врз основа на Решение за поставување урбана опрема, издадено пред десетина години од Град Скопје, но неговата важност е истечена. Бидејќи објектот нема важечко одобрение, тој ќе биде целосно демонтиран и просторот конечно ќе се ослободи за користење – соопштија тогаш од Општината.
Со донација од газдите на „Капитол“ се гради детски парк на местото од урнатиот објект на „Дежа Ву“
Откако го отстранија, од Општината за „Слободен печат“ изјавија дека просторот покрај „Капитол мол“ ќе биде сериозно реновиран и пренаменет во детско игралиште, со нова урбана опрема, спортски реквизити и со обновена подлога, a средствата за овој проект ќе бидат покриени преку донација од приватна компанија.
– Согласно донесената одлука на Советот на Општина Аеродром, уредувањето на јавниот простор на локацијата во близина на Капитол Мол се реализира преку донација од страна на компанијата Сити Плаза ДОО Скопје, која го уредува и целосно ќе го опреми просторот. Во рамките на оваа иницијатива, предвидено е Општина Аеродром да добие детско игралиште од отворен тип, наменето за безбедна игра и рекреација на децата, кое ќе биде опремено со современи детски реквизити за различни возрасни групи – објаснуваат од Општината.
Оттаму истакнаа дека вредноста на донацијата од компанијата изнесува над шест милиони денари, или околу 100 илјади евра.
– Вредноста на донацијата изнесува 6.027.520 денари без ДДВ, што претставува значаен придонес за унапредување на јавните содржини и квалитетот на живот во општината – одговорија од локалната самоуправа.

Жителите реагираат за подлогата, Општината вели дека сѐ е по планот
Пред еден месец веќе можеа да се забележат градежни активности на оваа локација, но дел од аеродромци веќе започнаа да се подбиваат со моменталниот изглед на паркот, кој го нарекоа „све ми боје лепо стоје“, „скверовача“, „Трст виа Скопје“ и слично, при што порачаа дека доколку остане вака, паркот воопшто нема да биде атрактивен за семејствата и воедно ќе го нарушува изгледот на општината.
Од друга страна, дел од жителите не го делеа овој став и коментираа дека оваа глетка е привремена и искршените и „изедени“ плочи ќе бидат покриени со мека гума, врз која ќе бидат поставени сите реквизити
– Колку што сум информиран, ова ќе биде покриено со мека гумена гранулација за детско игралиште. Економски е неисплатливо да се стават нови плочки. А ако остане вака, навистина е очај – коментира аеродромец.
Поради дилемата на жителите, „Слободен печат“ испрати прашања до Општината и побаравме да ја објаснат оваа ситуација и да ни кажат дали подлогата ќе остане ваква, со искршени бекатонски плочки во различни бои и форми, или пак ова е само фаза од изградбата, а оттаму одговорија дека реновирањето на просторот оди по планираниот тек и дека ова е само едниот дел од уредувањето, кое се одвива во повеќе фази.
– Станува збор за проект кој е во фаза на реализација и уредување, согласно предвидената динамика. Секој градежен зафат се реализира во повеќе фази, при што финалниот изглед и функционалноста на просторот се добиваат дури по завршувањето на сите предвидени активности. Исто како што на пример, изградбата на улица започнува со долен слој, односно со подготовка и стабилизација на тлото, а конечниот резултат се гледа по поставувањето на завршниот асфалтен слој, така и во овој случај станува збор за процес кој сè уште е во тек – велат од Општина Аеродром.

Оттаму побараа од јавноста поголемо трпение и воздржување од носење на предвремени заклучоци околу изведбата и реализацијата на овој проект, кој, како што велат од Аеродром, е под постојан и редовен увид од страна на општинските служби.
– Општина Аеродром и надлежните општински служби редовно вршат увид и континуирано ја следат реализацијата на активностите што се спроведуваат на терен. Општината останува во постојана комуникација со инвеститорот и изведувачите, со цел сите активности да се реализираат согласно предвидените стандарди и во интерес на граѓаните – изјавија од локалната самоуправа.
Во однос на коментарите од страна на жителите околу оштетените бекатонски плочки со кои е покриен просторот, од локалната самоуправа соопштија дека тоа е дел од фазата за подготовка за поставување гумена подлога.
– Во оваа фаза се работи на подготовка за поставување соодветна и современа гумена подлога, изработена согласно најновите стандарди за безбедна игра на детските игралишта. Во наредните фази ќе продолжи целосното партерно и хортикултурно уредување, согласно проектното решение. Целта е овој дел од населбата да добие безбеден, уреден и функционален детски парк со нови содржини и реквизити. Особено е важно да се напомене дека станува збор за донација со која овој простор добива нова вредност и уредување, наместо да остане запуштена површина како што беше во минатото – објаснуваат од Општината.
Компанијата Сити Плаза ДОО која е донатор за изградбата на детското катче, според нивната интернет страница, е сопственик на голем број објекти и градежен изведувач на повеќе проекти, а меѓу многуте недвижнини кои ги поседува се вбројува токму трговскиот центар „Капитол“ во Аеродром. Тоа значи дека сопствениците на трговскиот центар ѝ донирале средства на Општината со што ѝ ги покриле трошоците за ревитализација на просторот кој до пред половина година служеше како монтажен објект за анимирање на најмладите граѓани.

Од Општината најавија дека по завршување на овој проект, просторот ќе биде исполнет со детски реквизити, нови клупи и маси, како и фитнес справи.
– Просторот ќе биде збогатен со фитнес справи на отворено, урбана опрема (клупи, маси и столчиња), корпи за отпадоци, како и со комплетно уредување на подлогата, поставување заштитна ограда и партерно и хортикултурно уредување – изјавија од Општина Аеродром.


