Со донација од газдите на „Капитол“ се гради детски парк на местото од урнатиот објект на „Дежа Ву“
Компанијата Сити Плаза ДОО која е донатор за изградбата на детското катче, е сопственик на голем број објекти, а меѓу многуте недвижнини кои ги поседува се вбројува токму трговскиот центар „Капитол“ во Аеродром, со што сопствениците на трговскиот центар ѝ донирале средства на Општината и ѝ ги покриле трошоците за ревитализација на просторот каде претходно имаше игротека.
Пет месеци по рушењето на монтажниот објект покрај поранешниот ресторан „Дежа Ву“ во Аеродром, за кој тогаш Општината велеше дека нема важечко одобрение, денес на ова место можат да се забележат градежни активности и пренамена на просторот кој речиси пола година беше неискористен и разрушен.
Препорачано
ВИДЕО | Се руши објект пред „Капитол“, со години ја узурпирал зелената површина и работел на „диво“
Од Општина Аеродром за „Слободен печат“ изјавија дека просторот покрај „Капитол мол“ ќе биде сериозно реновиран и пренаменет во детско игралиште, со нова урбана опрема, спортски реквизити и со обновена подлога, a средствата за овој проект ќе бидат покриени преку донација од приватна компанија.
-Согласно донесената одлука на Советот на Општина Аеродром, уредувањето на јавниот простор на локацијата во близина на Капитол Мол се реализира преку донација од страна на компанијата Сити Плаза ДОО Скопје, која го уредува и целосно ќе го опреми просторот. Во рамките на оваа иницијатива, предвидено е Општина Аеродром да добие детско игралиште од отворен тип, наменето за безбедна игра и рекреација на децата, кое ќе биде опремено со современи детски реквизити за различни возрасни групи. Дополнително, просторот ќе биде збогатен со фитнес справи на отворено, урбана опрема (клупи, маси и столчиња), корпи за отпадоци, како и со комплетно уредување на подлогата, поставување заштитна ограда и партерно и хортикултурно уредување- објаснуваат од Општината.
Како што соопштија од локалната самоуправа, вредноста на донацијата од компанијата изнесува над шест милиони денари, или околу 100 илјади евра.
-Вредноста на донацијата изнесува 6.027.520 денари без ДДВ, што претставува значаен придонес за унапредување на јавните содржини и квалитетот на живот во општината- одговорија од локалната самоуправа.
Компанијата Сити Плаза ДОО која е донатор за изградбата на детското катче, според нивниот вебсајт, е сопственик на голем број објекти и градежен изведувач на повеќе проекти, а меѓу многуте недвижнини кои ги поседува се вбројува токму трговскиот центар „Капитол“ во Аеродром, со што можеме да видиме дека сопствениците на трговскиот центар ѝ донирале средства на Општината со што ѝ ги покриле трошоците за ревитализација на просторот кој до пред половина година служеше како монтажен објект за анимирање на најмладите граѓани.

Тогаш, општинските служби започнаа со обемна активност и го урнаа објектот до ресторанот „Дежа Ву“, кој денеска е затворен за гости, со објаснување дека според документацијата на локалната самоуправа, просторот немал одобрение за градба и бил поставен на површина наменета за пешаци и јавни активности.
При акцијата, од Општината за „Слободен печат“ изјавија дека објектот долги години функционирал со решение за поставување урбана опрема кое било издадено пред една деценија, но никогаш не било обновено.
„Утринава започна отстранувањето на објектот кој со години беше поставен на тревникот покрај булеварот „Јане Сандански“. Овој објект функционираше врз основа на Решение за поставување урбана опрема, издадено пред десетина години од Град Скопје, но чија важност е истечена. Тревната површина до ТЦ „Капитол мол“ повторно ќе биде целосно отворена и вратена на користење на сите граѓани. Бидејќи објектот нема важечко одобрение, тој ќе биде целосно демонтиран и просторот конечно ќе се ослободи за користење “, соопштија тогаш од Општината.

Кратко по отстранувањето на објектот покрај „Капитол“, се огласија од „Дежа Ву“, кои соопштија дека објектот бил поставен по барање и во соработка со локалната самоуправа, а управувањето со игротеката било целосно легално и со важечко одобрение од Град Скопје.
-Во врска со денешните настани и медиумски објави, сакаме јавно да ја појасниме вистината околу игротеката „Дежа Ву Парк“, која се наоѓаше кај „Капитол Мол“. Додека ние управувавме со игротеката, сè беше целосно легално и со важечко одобрение издадено од Град Скопје. Објектот беше поставен по барање и во соработка со Општина Аеродром, со цел да се создаде безбеден и пријатен простор во интерес на граѓаните, особено за најмладите. Затоа јавно ги замолуваме сите медиуми и портали да не шират невистини и сензационалистички текстови кои го нарушуваат угледот на луѓе што со години чесно и со љубов работеле за децата и семејствата во нашата општина. Сите документи кои ја потврдуваат законитоста на работењето ќе ги објавиме јавно со текот на времето, за да ја прикажеме вистината пред граѓаните- се вели во последното соопштение на профилот на „Дежа Ву“.
Оттогаш, барем во јавноста, нема никаква новост од развивањето на настаните или евентуални правни постапки околу рушењето на поранешната игротека. Од Општината, пак, уште при самото рушење информираа дека откако ќе биде отстранет објектот, просторот ќе се уреди со нови клупи и зелени површини, така што финансиската инјекција од сто илјади евра од страна на сопствениците на „Капитол“ дошла во вистински момент и ќе ја покрие целата пренамена на просторот, кој ќе служи како ново, отворено детско катче.


