Пајазитовски: Се уште никој не одговори како снаа ми целосно изгоре во автобусот на „Беса транс“, а чантата остана како нова?

автобуска несреќа бугарија
Автобуска несреќа во Бугарија, загинаа 46 патници од Македонија/Фото: Nikolay DOYCHINOV / AFP / Profimedia

Министерството за надворешни работи (МНР) пред месец дена им ги предаде на роднините предметите што останаа од нивните блиски кои загинаа во страшната автобуска несреќа во Бугарија.

Ќамуран Пајазитовски, роднина на патниците во автобусот на „Беса Транс” кој сообраќајката ги изгуби синот и снаата, а неговиот брат ја преживеа трагедијата, во изјава за „Слободен печат“ вели дека е вознемирен од тоа што го добил од МНР. Тој се уште не може да поверува како е можно 45-те патници целосно да изгорат, а нивните предмети да останат неоштетени, како што бил случајот со чантата на неговата снаа.

Изгореа луѓето, а на мојата снаа чантата и остана целосно неизгорена. Се е таму, пари, телефон… како не изгоре тоа? Откога ги презедов предметите од МНР верувајте, не спијам по цели ноќи, под голем стрес сум. Човек да изгори, а чантата да остане, тоа е невозможно. Иста е како што била. Дали атентат е извршен? Не знам, вели Пајазитовски.

Тој нагласува и дека фалат предмети од неговите роднини.

– Се срамам да го кажам тоа! Накитот од раката на снаа ми фали, три алки се донесени, а три фалат. Според документацијата на МНР, тоа е она што го добиле од бугарските власти. Немаме никакви информаци за тоа како се одвива целата истрага. Јас имам адвокат во Бугарија, додека од нашите власти немаме никакви информации. Според наши непотврдени инфомации, се подготвува терен да се затвори предметот како собраќајка. Нека го затворат ако сакат, но нема да остане на тоа, ова ќе оди и подалеку, ќе бараме правда насекаде, во Стразбур, каде што ќе се докаже што е и како е. Досега од бугарските власти е кажано дека шоферот на автобусот е виновен, вели Пајазитовски.

Тој вели дека брат му кој ја преживеа трагедијата во ноември лани, до ден денес е на психијатрија.

Брат ми е еден од преживеаните, но е на психијатрија. Само може да му се заблогодарам на Венко Филипче што се заинтерисира, а друг никој. Венко Филипче и ден денес помага што може. И како министер му помогаше на брат ми за да заздрави побрзо и да се лечи. Веднаш по трагедијата Филипче беше до нас, а и ден денес помага стручно. Кога и да го побараме, човекот стој на располагање, вели Пајазитовски.

Кривична пријава за овој случај од група граѓани доставена до Обвинитеството е причината поради која е отворена предистрага во која треба да се утврди како и зошто станицата за технички преглед „Виа Комерц“, каде што поминал на контрола автобусот на „Беса Транс“ кој изгоре во Бугарија, не била затворена навремено, иако пропусти во работењето биле утврдени и нотирани во записник неколку месеци претходно.

Предистрагата е отворена пред два дена, одземена е документација од неколку сектори во МВР кои го изврпшиле надзорот во станицата за технички преглед и го изготвиле решението за забрана. Она што е познато е дека на 12 август тимовите на МВР утврдиле дека во „Виа Комерц“ контролите ги вршат нестручни лица и не се водат неопходните регистри. На 5 октомври во оваа станицата поминува технички преглед и автобусот на „Беса транс“ кој изгоре во Бугарија на 23 ноември 2021, додека МВР три дена подоцна на 26 ноември го потпишува решението за забрана за работа со рок од 30 дена за отстранување на пропустите. Сопствениците на станицата ги отстрануваат пропустите со тоа што ја пререгистрираат станицата на друго име.

Во трагичната несреќа во Бугарија, загинаа 45 патници од автобусот на „Беса Транс“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот