ВИДЕО | Оскаровката Лупита Нјонго откри дека има повеќе од 50 фиброиди: „Најголемиот е со големина на портокал“
Оскаровката Лупита Нјонго откри дека фиброидите ѝ се вратиле и дека сега има повеќе од 50. Фиброидите се бенигни (неканцерогени) израстоци на матката кои можат да предизвикаат болни и исцрпувачки симптоми, вклучувајќи обилно менструално крвавење, продолжени менструации, болка во карлицата, често мокрење, запек, како и болки во грбот и нозете, пишува „Пипл“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Нјонго првпат дознала дека има фиброиди на матката во 2014 година, истата година кога го освои Оскарот за најдобра споредна женска улога во филмот „12 години робство“ (12 Years a Slave).
„Кога првпат ми ги отстранија фиброидите, ми извадија 23, а овој пат, пред две години, ми рекоа дека имам повеќе од 50. Се соочувам со истите опции, операција или живот со болка“, изјави таа.
Актерката додаде дека сè уште не донела одлука за миомектомија, хируршката интервенција за отстранување на фиброидите со зачувување на матката.
„Не сум подготвена да ја донесам таа одлука. Прилично е инвазивна и претставува голем ризик за нашите репродуктивни органи“, објасни таа.
Седејќи покрај Кети Бродски Фалко, основачка и извршна директорка на Фондацијата за женско здравје, Нјонго ја откри и големината на најголемиот фиброид.
„Кога имате фиброиди, лекарите често користат овошје за да ви објаснат колкави се. Така, вашиот фиброид може да биде со големина на грозје. Мојот најголем фиброид е со големина на портокал“, призна актерката.
За време на интервјуто, Нјонго откри дека на почетокот се чувствувала осамено поради своето искуство.
„Чувствував срам. Што направив за да ги предизвикам? Се чувствував многу осамено и прилично исплашено за моето репродуктивно здравје“, изјави таа.
Сепак, добитничката на Оскар истакна дека проговорила и се поврзала со други жени кои минуваат низ истото.
„Сега сум возбудена бидејќи проговорувањето навистина ме охрабри. Пронајдов заедница. Се здружив со жени кои долго време се борат за ова. Во тоа да се проговори има огромна сила. Проговорив, а поддршката што ја добив, слушајќи жени како го споделуваат истото и ги раскажуваат своите приказни, направи да се чувствувам помалку осамено и искрено, ме охрабри да ја работам работата што ја работам денес“, рече таа.
Нјонго во моментов активно се залага и собира средства за научници со цел да се пронајдат помалку инвазивни и неинвазивни методи за лекување на фиброидите.


