Општината не смеела да го блокира тетовецот Видоески на Фејсбук, утврди КСЗД – тоа е дискриминација
Ова е прв случај во кој е утврдена дискриминација врз граѓанин кој бил исклучен од официјална фејсбук-страница на државен или локален орган или институција
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврдила дека Општина Тетово го дискриминира архитектот Бошко Видоески, кого лани во ноември го блокираше од официјалната фејсбук-страница, поради критички коментар.
Препорачано
Видоески коментираше на објава со која Општината се фалеше со наводите во кои се споменува Тетово во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија кон членството во ЕУ. Тој забележа дека тие наводи се претставени на манипулативен начин, а одговорните за односи со јавноста во Општина Тетово најдоа решение – да го блокираат и да го спречат него повеќе да ги забележува таквите манипулации, и сите други да ги читаат.
„Европската комисија само ја спомнува Општина Тетово како една од општините кои го комплетирале т.н. „зелен катастар“. За неупатените, тоа подразбира само инвертаризација, мапирање, регистрирање на загадувачи на воздух, најчесто во служба на документациска подлога при урбанистичко планирање и преземање на евентуални идни чекори за решавање на проблемот со загадувањето. И толку. Европската комисија буквално никаде во својот извештај ја нема високо оценето Општина Тетово, ниту пак го има споменато фамозното зголемување на зелени површини, фамозното подобрување на квалитетот на воздухот и фамозното создавање на поздрава животна средина за граѓаните, како што се фалите во постов! Еден огромен паркинг со купишта нови згради станавме, не туку пропагирајте лажни глупости, има Тетово луѓе што читаат и разбираат, не се сите мулиња како што мислите“, пишуваше во коментарот, кој е избришан од фејсбук-страницата на Општина Тетово во моментот кога Видоески беше блокиран.
Видоески за ова поднесе претставка за дискриминација во КЗСД, која сега донесе мислење во кое се утврдува дискриминација по основ на политичко убедување и на Општината ѝ се препорачува да го одблокира Видоески односно да му овозможи пристап до страницата на Фејсбук. Од КЗСД откриваат и дека Општина Тетово, кога ја известиле за претставката на Видоески, изнела објаснување дека блокирањето се случило поради „технички тешкотии“. Но, по ова Видоески доставил нови докази дека и натаму е блокиран, по што Комисијата утврдила дека општината свесно го дискриминирала тетовецот.
„По увид во наводите од претставката и доставеното дополнување, како и од произнесувањето на општина Тетово во однос на настанатиот проблем, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација констатира дека во конкретниот случај е направена дискриминација врз основа на политичко уверување во областа на јавно информирање и медиуми од страна на Општина Тетово, од причини што по објавувањето на својот негативен коментар по однос на одредена тема која била објавена на Фејсбук страницата на општината, на подносителот му бил оневозможен пристапот до страницата. На ваков начин, со ваквото постапување на Општината на подносителот му е оневозможено да биде информиран за активностите, како и слободно да го изрази своето мислење и став по однос на настани и активности кои се однесуваат на Општината во која живее поради негово ограничување, исклучување и нееднаков третман“, се вели во документот од КЗСД, во кој „Слободен печат“ имаше увид.
Комисијата ѝ препорачува на Општината да му овозможи на Видоески пристап до официјалната фејсбук-страница, а доколку тоа не го стори во следните 30 дена, ќе следи прекршочна постапка.
Ова е прв случај во кој е утврдена дискриминација врз граѓанин кој бил блокиран од пристапот на официјална страница на државен или локален орган или институција на социјалните мрежи.
Тетовец на „Фејсбук“ коментирал дека општината манипулира, а како таа ќе реагира? Го блокира


