Општина Тетово / Фејсбук

Тетовец на „Фејсбук“ коментирал дека општината манипулира, а како таа ќе реагира? Го блокира

Архитектот од Тетово, Бошко Видоески, е блокиран на официјалната фејсбук-страница на Општина Тетово, откако коментирал на објава на која забележал дека станува збор за манипулација од градските власти. Тој вели дека само се обидел да предочи дека тоа што го тврди општината во врска со наводите во кои се споменува Тетово во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија кон членството во ЕУ – не е вистина.

Во објавата од средата, општината се пофали дека Европската комисија во извештајот ја пофалила нејзината работа на заштитата и унапредувањето на животната средина, споменувајќи го комплетирањето на „зелениот катастар“.

„Европската комисија високо ја оцени општина Тетово, како резултат на зголемувањето на зелените површини, подобрувањето на квалитетот на воздухот и создавањето поздрава животна средина за граѓаните“, пишуваат од Општина Тетово во објавата.

Видоески го испрати „спорниот“ коментар поради кој добил „блок“ од општинската страница на „Фејсбук“:

„Европската комисија само ја спомнува Општина Тетово како една од општините кои го комплетирале т.н. „зелен катастар“. За неупатените, тоа подразбира само инвертаризација, мапирање, регистрирање на загадувачи на воздух, најчесто во служба на документациска подлога при урбанистичко планирање и преземање на евентуални идни чекори за решавање на проблемот со загадувањето. И толку“, коментирал тој на општинската објава.

„Европската комисија буквално никаде во својот извештај ја нема високо оценето Општина Тетово, ниту пак го има споменато фамозното зголемување на зелени површини, фамозното подобрување на квалитетот на воздухот и фамозното создавање на поздрава животна средина за граѓаните, како што се фалите во постов! Еден огромен паркинг со купишта нови згради станавме, не туку пропагирајте лажни глупости, има Тетово луѓе што читаат и разбираат, не се сите мулиња како што мислите“, напишал понатаму Видоески во коментарот, кој сега е избришан.

Тетовскиот архитект ги прозива и новите советници во Општина Тетово да се заложат околу правата на граѓаните да го искажат своето мислење. Видоески сега се прашува дали конкретната ситуација со блокирањето би оправдала и претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).

Во коментарите на неговата објава, претседателот на Комисијата, Игор Јадровски, вели дека во САД веќе има судски одлуки според кои блокирањето на официјалните страници и профили на институции на социјалните мрежи, е прогласено за дискриминација по основ на политичко уверување. Според Јадровски, ако општината исклучува од комуникација само одредени граѓани со чии политички ставови не се согласува, има простор Видоески да се жали пред КСЗД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот