Општина Тетово не сака субвенционирана струја од државата, ниту пак сака државни училишта во општински простории

Фото: Слободен печат

Ниту едно средно и основно училиште од Тетово не аплицирало за поевтина цена на струјата преку ЕСМ. Од Општина Тетово за „Слободен печат“ изјавија дека нивните училишта ќе продолжат да се снабдуваат со струја од слободниот пазар, односно од истата компанија со која досега склучувале договори „Енерџи Груп“, оти им дала попуст, а цената која треба да ја платат на компанијата како што тврдат, не се разликува многу од субвенционирата струја која се нуди преку ЕСМ.

„Втората причина што не аплициравме за субвенционира струја е што има многу процедури за примена во однос на субвенцијата што ја нуди Владата преку ЕСМ“, изјави раководителот на Секторот за јавни дејности при Општина Тетово Назми Даути.

Инаку рокот за аплицирање за поевтина струја за основните и средните училишта е продолжен до 20 декември, но како што пред неколку дена изјави министерот за економија Крешник Бектеши, речиси половина од училиштата не биле заинтересирани да имаат поволна цена за струјата. Сето ова додаде министерот е неодговорно однесување на сите кои раководат со училиштата.

Од Општина Тетово, велат дека се подготвени за цела грејна сезона, односно сите училишта се снабдени со доволни количини на нафта за греење.

„Ние и со ребалансот на буџетот направивме пренамена на средства, за да има греење во сите училишта, дополни Даути.

Минатата учебна година просториите на старото медицинско училиште кадешто учат учениците Македонци од Гимназијата Кирил Пејчиновиќ беа без доволно греење.

Од Општина Тетово, тогаш истакнаа дека кубуреле со нафта, оти во објектите на „стара медицина“ кои се општински простории учат и учениците од Спортската академија, чија установа е под државна капа, а веќе неколку години им ја трошеле „општинската“ нафта.

Со нив вели Даути, се договоривме да го напуштат објектот изминатиов август, оти ниту имаме обврска да им обезбедуваме простории, ниту пак греење.

„Ова училиште се` уште ги користи нашите простории, апелираме да си најдат свои простории, за да не настане проблем со греење исто како и минатата учебна година. Не е наша обврска да учат во наш објект, тоа е Државно училиште и се води под Средно земјоделското училиште. Порано ова училиште беше под ингеренции на Општина Тетово ние им дадовме можност да учат, но сега тие се под Министерство за образование и тие треба да им најдат чаре, оти ние не можеме да ги покриваме трошоците за греење за Спортска академија, затоа имаше проблем лани. Оти ние, ако на пример имаме предвидено за еден месец два тони нафта само за паралелките од гимназијата, сега ќе ни требаат дополнителни количини на нафта, оти ќе треба да ги грееме и тие кои се од Спортска академија, а таква обврска немаме. Ние имавме средба со директорот од Спортската академија и се договоривме до август 2022 година да бидат таму и после тоа да најдат чаре, но тие сигурно не можеле да најдат простории, но тоа е проблем на државно ниво, не е наш проблем. Треба Спортската академија што побрзо да најде други простории за следење на настава, истакна Назми Даути раководителот за Секторот за јавни дејности при Општина Тетово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот