Општина Карпош е најтранспарентна: Јакимовски вели дека се отворени вратите за секој граѓанин

Фото: Слободен печат

Карпош е најтранспарентната Општина, со 97,1 отсто транспарентност, споредено со останатите лоцирани во скопскиот регион. Ова го покажуваат податоците на истражувањето направено од Центарот за граѓански комуникации кое го одредува индексот на активна транспарентност на институциите. Веднаш зад неа е Општина Илинден со 95,7, а на трето место Кисела Вода со 85,5 проценти.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски смета дека тоа се должи на нивната одговорна работа во корист на граѓаните.

 Работиме транспарентно и одговорно, јас како градоначалник и општинската администрација секогаш сме на располагање на граѓаните на Карпош. Бројките се мерливи и им благодариме на Центарот за граѓански комуникации за рангирањето. Продолжуваме да работиме со отворени врати за секој граѓанин! – вели Јакимовски.

Општина Илинден пак, покрај Карпош, се наоѓа во групата институции со многу добра активна транспарентност, односно исполнување на обврските од над 95% до 100%. Илинден за само една година ја подобри својата активна транспарентност за речиси 50 процентни поени.

Кај Општина Кисела Вода е регистриран пораст од 26,4 отсто во транспарентноста во однос на претходната година.

Објавувањето на информации на сопствена иницијатива, почитувањето на законскиот рок за доставување на одговори, обезбедувањето на пристап до законски предвидените информации за надлежноста, услугите и за тековните проекти, буџетската и финансиска транспарентност, редовното ажурирање на општинската веб страница, се само дел од критериумите на истражувањето кое ја позиционираше општина Кисела Вода во првите три скопски најтранспарентни општини. Целосната транспарентност, моја отчетност и одговорност како градоначалник и општинската администрација се насоката по која Кисела Вода ќе се движи и во периодот што следува – вели градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Тој додава дека првите резултати се видливи, статистички мерливи, а најголемиот бенефит веќе го чувствуваат граѓаните, за кои, за разлика од порано, вратите на општината се секогаш отворени.

Според истражувањето на четврто место е рангирана Општина Гази Баба, па следат Ѓорче Петров и Аеродром. Град Скопје го зазема седмото место на ранг-листата, додека на последно, 18 место е Општина Арачиново со само 8,7 од можни 100 проценти транспарентност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот