Опасно се шири свлечиштето кај Теферич, експертите ѝ наложиле на Општината итно да реагира
Неофицијално дознаваме дека Општината добила конкретна насока и налог во најкус рок да го затвори патот со одредени материјали што ќе спречат влез на вода и на други елементи во расцепот, но како што можевме да видиме на терен, локалната самоуправа сѐ уште не ја исполнила дупката и очигледно не се води целосно по насоките на експертите.
Откако пред повеќе од еден месец се одвои и се расцепи патот што води кон Теферич поради свлекување на земјиштето, пред неколку денови ситуацијата значително се влоши бидејќи Водно повторно „одреагира“ и расцепот се зголеми неколкупати повеќе, а во меѓувреме Општината го добила извештајот од стручниот увид на Градежниот факултет, во кој се наведува дека местото е од висок ризик за ново свлекување и е потребна најитна реакција од локалната самоуправа.
Препорачано
Свлечиштето го проголтува патот, жителите незадоволни
„Слободен печат“ отиде на терен кратко по второто, поголемо свлекување на патот кон Теферич, а сликите што ги видовме беа страшни и навистина неверојатни. Ако тогаш едниот дел од патот беше одделен, асфалтот раскршен и пропаднат цел метар, денес ситуацијата е значително полоша – патот е одделен повеќе од неколку метри и свлекувањето продолжило надолу, но и странично, каде што пропаднал и дел од рабникот и заштитната ограда.
Се подготвува извештај за Теферич, брзината на санацијата ќе зависи само од Општината
Исто така, додека бевме на терен, тешко беше да не се забележи „поздравот“ од жителите до локалната самоуправа. Тие своето незадоволство за многубројните неуспешни, неквалитетни и донекаде избрзани реновирања на патот, го искажаа преку напишана порака на пропаднатата сообраќајница упатена до актуелната градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска: „Бети, пази да не паднеш!“
Општината го добила извештајот, санацијата ќе потрае
Веднаш по повторното свлекување, „Слободен печат“ дозна дека Општината го добила извештајот од увидот на стручните лица од Градежниот факултет и од локалната самоуправа соопштија дека овој документ е „предмет на координирана анализа“ од повеќе институции, по што ќе се одреди каков ќе биде пристапот за решавање на овој сериозен проблем, нешто што најверојатно ќе трае со месеци.
– Извештајот од извршениот стручен увид од експертскиот тим од Градежниот факултет е пристигнат и во него детално се разработуваат сите аспекти на настанатата пукнатина на патот. Со оглед на комплексноста на проблемот, оваа документација во моментов е предмет на координирана анализа од страна на сите релевантни институции, во насока на преземање на сите понатамошни чекори. Врз основа на овие координирани заклучоци, ќе се пристапи кон спроведување на соодветните процедури. Наша примарна цел е изнаоѓање трајно, технички издржано и пред сè безбедно решение, кое во целост ќе ја гарантира сигурноста на граѓаните – брифираа од Општина Кисела Вода.

Оттаму додадоа дека градоначалничката Трајкоска и службите будно ја следат состојбата на терен.
– Состојбата на терен се следи во континуитет од страна на градоначалничката и нашите служби, со цел да се има директен увид во фактичката состојба додека траат овие неопходни институционални и стручни процени – истакнаа од Кисела Вода.
Во однос на извештајот за процена на ризикот од свлекување што Факултетот го подготви за патот кон Теферич, како што претходно ни објасни деканот Јосиф Јосифовски, тоа е документ што се изготвува за надлежната институција да даде експертско мислење дали случајот е итен, како и насоки доколку е потребно да се реагира.
Експерти од Градежниот факултет бараат чаре за пропаднатиот пат кон Теферич
Исто така, Јосифовски објасни дека решавањето на овој проблем е навистина комплексно и токму затоа прифатиле да направат увид и извештај од свлечиштето во Кисела Вода, а во однос на евентуалната репарација тој истакна дека процесот мора да биде бавен за претпазливо и квалитетно да се санира патот, кој е од огромна важност за жителите. Но, деканот повтори дека целата траекторија на реновирањето зависи единствено од Општината.
– За изготвувањето на основниот проект за санација е потребно геодетско снимање на просторот, односно за колкав простор станува збор, колку квадратни метри, ширина и длабината. При овие геотехнички истраги треба да се изврши и дупчење на земјата за да се истражи длабочината на клизната рамнина. Тука станува збор за многу фази на увид, изготвување извештај и елаборати, изработка на проект, потоа наоѓање компанија за да го изведе репарирањето, за сѐ тоа е потребно време. Овој случај не смее да се повтори по вторпат, токму затоа ние како Градежен факултет ѝ помагаме на Општина Кисела Вода, со која иако немаме договор, како што правиме и за сите други самоуправи и институции што ќе ни се обратат за помош – објаснува Јосифовски.

Јасни насоки од Градежен, опасноста е очигледна
Сепак, од Општината не ни одговорија точно кои насоки ги дал Градежниот факултет во однос на големината на опасноста што ја предизвикува ова активно свлечиште, но „Слободен печат“ неофицијално дознава дека според извештајот, оваа локација експертите ја оценуваат како сериозна и опасна со тенденција на ново, повторно свлекување на земјиштето, како што можевме да видиме пред неколку денови, и токму затоа е дадена насока за итна реакција од Општината. Конкретната насока од извештајот е дека „има потреба од итно дејствување за да се спречи понатамошно проширување.
– Со новиот, уште поголем расцеп не е потребен посебен нов увид, бидејќи местото кое пропаѓа е исто и траекторијата на падот на земјиштето не е сменета, но сепак загрижувачка е брзината на свлекувањата, бидејќи помина само еден месец од првото оштетување. Местото прогресира и треба што побрзо да се реагира, како што напоменав и по првото свлекување на земјиштето – вели експерт од оваа област за „Слободен печат“.
Појавите на свлечишта можат да бидат бавни и брзи, а како што „Слободен печат“ неофицијално дознава, во извештајот се вели дека оваа појава во Теферич е од оние што брзо се прошируваат, затоа и биле дадени насоки за брза реакција.
ЦУК уште во декември предупредил дека патот кон Теферич е опасен и има ризик за свлечиште
Исто така, како што дознаваме, Општината добила конкретна насока и налог во најкус рок да го затвори патот со одредени материјали што ќе спречат влез на вода и на други елементи во расцепот, кои би направиле поголема штета и на некој начин помагаат за повторно свлекување, но како што можевме да видиме на терен, локалната самоуправа сѐ уште не ја исполнила дупката и очигледно не се води целосно по насоките на експертите.
Изведувачот и сумата остануваат „општинска тајна“
Повеќе од еден месец по свлекувањето на патот кон Теферич, од Општина Кисела Вода сè уште немаат одговорено која била фирмата изведувач на последната санација на овој пат во 2025 година и колку ова неуспешно и неквалитетно реновирање ги чинело жителите. Првиот пат кога ги прашавме, од Општината тврдеа дека тие не биле надлежни за последното реновирање на патот и го вперија прстот кон ЈП „Државни патишта“.
Сепак, откако го контактиравме претпријатието, оттаму беа децидни дека „Државни патишта“ никогаш не работела на овој пат и дека таков проект во нивната архива не постои бидејќи тие не се надлежни за оваа сообраќајница. Потоа „Слободен печат“ повторно, во неколку наврати испрати прашања до Општината, но ниту еднаш не добивме одговор во однос на тоа која е фирмата што последно го поправала патот што пропадна нецели шест месеци по реновирањето и колку оваа неуспешна поправка ја чинела Општината, односно граѓаните.


