Фото: Профимедиа

Охрабрувачко откритие: Паметна инјекција може да ги намали туморите на главата и вратот во рок од шест недели

Троделното терапевтско средство амивантамаб би можел да се дава како инјекција за лекување на повторени или метастатски карциноми.

Лекарите ги пофалија „исклучително охрабрувачките“ резултати од испитувањето кои покажуваат дека паметната инјекција со тројно дејство може да ги намали туморите кај пациенти со рак на главата и вратот во рок од шест недели, пишува „Гардијан“.

Ракот на главата и вратот е шестата најчеста форма на рак во светот. Ако се прошири или се врати по стандардното лекување, на пациентите обично им се нуди имунотерапија и хемотерапија врз база на платина. Но, ако не успее, лекарите често немаат други можности.

Истражувањето покажало дека лекот наречен амивантамаб, кој се дава со инјекција, може да ги намали туморите кај пациенти со повторувачки или метастатски рак кои веќе биле подложени на имунотерапија и хемотерапија. Деталите беа презентирани на конференцијата на Европското здружение за медицинска онкологија (ЕСМО) во Берлин.

„Гледањето на ова ниво на корист кај пациенти кои биле подложени на бројни третмани е исклучително охрабрувачко. Ова би можело да претставува вистинска пресвртница во начинот на кој го лекуваме ракот на главата и вратот – не само во однос на делотворноста, туку и во начинот на кој се пружа негата“, , изјавил проф. Кевин Харингтон, професор по биолошки терапии за рак на Институтот за истражување на рак во Лондон и онколог во Кралскиот онколошки центар за рак на Ројал Марсден НХС.

„Ова е првпат да ја тестираме оваа форма на тројна терапија кај пациенти со рак на главата и вратот чија болест се вратила по лекувањето. Амивантамаб е паметен лек кој не само што блокира два клучни механизма на раст на ракот, туку и му помага на имунолошкиот систем да си ја изврши својата работа. За разлика од многу терапии кои бараат часови поминати на болнички стол, амивантамаб се дава како едноставна инјекција под кожата. Ова го прави побрз, попрактичен и потенцијално полесен за примена во амбулантите – или дури и дома во иднина“, додал професорот.

Клиничко испитување на пациенти од 11 земји

Клиничкото испитување Orig-AMI 4, финансирано од фармацевтската компанија „Janssen“, вклучило пациенти од 11 земји, вклучувајќи ја и Велика Британија. Сите имале рекурентен или метастатски планоцелуларен карцином на главата и вратот (HNSCC) – форма на рак што е тешко да се лекува и често се враќа по стандардните терапии.

Една група од 86 пациенти, која претходно примала имунотерапија и хемотерапија, добивала амивантамаб. Првичните резултати покажале дека 76 отсто пациенти во таа група имале намалување на туморите или запирање на нивниот раст.

Одговорите на терапијата биле забележани во рок од шест недели, а лекувањето генерално било добро поднесено. Повеќето несакани ефекти биле благи до умерени. Просечниот период без прогресија кај пациентите кои примале само амивантамаб бил 6,8 месеци.

Амивантамаб делува на ракот на три начина: го блокира ЕГФР (рецептор на епидермалниот фактор на растот), протеин што го поттикнува растот на туморот, и МИТ, сигнален пат што клетките на ракот често го користат за да го избегнат лекувањето. Исто така, го активира имунолошкиот систем за да помогне во нападот на туморот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот