Бранко Азески / Фото: ТВ21 / скриншот

Од сите кризи излеговме непоразени и треба да бидеме оптимисти, вели Азески

Геополитичките и регионалните кризи создаваат сериозна неизвесност за стопанството, а недостигот на предвидливост е „смрт за бизнисот“, рече вечерва претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, во емисијата „Бизнис21“ на телевизијата „21“.

Според Азески, во услови на постојани кризи сè потешко е компаниите да планираат и да опстанат на пазарот, поради што е неопходна сериозна анализа на ризиците со кои се соочува бизнис-заедницата.

„Крајно време е да се направи една дебела анализа, во која ќе се утврдат вистинските загрозувања на позициите на бизнисот. Ако бизнисот ги намалува ризиците и спротивставеностите во општеството, без него не можеме да одиме напред“, рече Азески.

Тој посочи дека најпогодени од актуелните состојби се секторите кои директно зависат од нафтата како основно погонско гориво.

„Најпогодени се оние сектори каде нафтата е клучна за функционирањето на бизнисот. По кризите од 2008 и 2016 година, ковид-пандемијата и енергетската криза, компаниите на некој начин се исчеличија и научија полесно да се справуваат со проблемите“, оцени претседателот на Стопанската комора.

Тој оцени дека државата и институциите стекнале доволно искуство од претходните кризи и треба со оптимизам да се пристапи и кон актуелните предизвици. Според Азески, државата успеала да се справи со сите досегашни економски и енергетски потреси без поголеми последици.

„Од сите кризи излеговме непоразени и треба да бидеме оптимисти и за оваа криза. Тоа е големо признание за државата, затоа што се водеше сметка како да се постави кон граѓаните и бизнисот. Институциите и луѓето созреваат и со тоа искуство ќе можат да одговорат и на оваа криза, за која се вели дека ќе биде поголема од сите други“, рече Азески.

Бранко Азески се чуди зошто бизнисмени се сметаат за „сомнителни ликови“ во Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот