Од ова летувалиште не смеете да однесете ни песок ниту школка, казните се до 3000 евра
На едно од најпознатите летувалишта во Европа, Сардинија, важат строги правила со цел да се зачува природната убавина на островот, а нивното прекршување може да резултира со високи парични казни, па дури и затвор.
Препорачано
Една од најпознатите забрани се однесува на земање песок, камчиња или школки од плажите. Според регионален закон донесен во 2017 година, строго е забрането нивно изнесување, дури и во најмали количини, пренесува „Б92“.
Властите редовно вршат контроли на пристаништата и аеродромите, а туристите кај кои ќе бидат пронајдени вакви „сувенири“ може да се соочат со казни од 500 до 3.000 евра. Неодамна во пристаништето Порто Торес била запрена француска туристка кај која биле пронајдени повеќе од 40 килограми песок и школки.
Оваа мерка е воведена поради сè поизразената ерозија на плажите. Според локалните медиуми, само во 2019 година биле запленети речиси пет тони песок, школки и камења кои туристите се обиделе да ги изнесат од островот, додека во текот на летото 2025 година дополнително биле запленети околу 500 килограми.
На некои плажи важат и дополнителни ограничувања. На заштитени локации како познатата Ла Пелоза во местото Стињано и плажата Рена Бјанка, не е дозволено користење класични пешкири. Причината е тоа што на влажните ткаенини се лепи песок, кој потоа се изнесува од плажата.
Иако ова правило на многумина им изгледа строго, локалните власти објаснуваат дека дури и мали количини прават разлика. Ако само десет грама песок се задржат на еден пешкир, при 1.500 посетители дневно од плажата може да исчезнат околу 15 килограми песок, што на ниво на сезона претставува значителна загуба. Наместо тоа, се препорачуваат подлоги од слама или рафија.
Строги правила важат и за пушачите. На бројни плажи пушењето е забрането, вклучувајќи класични и електронски цигари, а фрлањето догорчиња е строго казниво. Казните се движат од 25 до 500 евра, во зависност од општината.
Дополнително, забрането е и диво кампување. Спиење на плажа, во вреќа за спиење или надвор од официјални кампови не е дозволено, особено во заштитени природни зони и морски резервати.
Ограничувања постојат и за возачи на автомобили, мотори и квадови. Движењето по плажите и дините е строго забрането, а прекршувањата се казнуваат со високи парични казни, а во одредени случаи и со затвор.


