Обвинение против Ване Цветанов – трошел за хотели, патувања, ресторани, такси без покритие

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против Ване Цветанов кој се товари дека трошел по ресторани, хотели, пијалаци, кафе, такси, патувања без покритие додека бил вршител на должност Претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата. Цветанов се сомничи за злоупотреба на службената положба и овластување за трошење без покритие и затоа што ја ангажирал својата поранешна партнерка Дунавка Трифуновска и други лица.

Според обвинението, во периодот од 2021 година до 15 март 2022 година, Цветанов со неизвршување и пречекорување на службени овластувања, постапувал спротивно на повеќе законски прописи и со тоа прибавил противправна имотна корист за себе и други лица, нанесувајќи притоа значителна штета на буџетот на институцијата.

Иако бил свесен дека не се спроведени потребните постапки согласно Законот за јавни набавки, обвинетиот незаконски набавувал стоки и услуги од економски оператори, што главно ги користел за лични цели. Притоа се потрошени:
– 1.062.963 денари за ресторански услуги, хотелско сместување во Скопје, безалкохолни пијалаци, кафе, тоалетни производи и сл.
– 300.350 денари за конференциски услуги што не биле реализирани, но се исплатени.
– 317.859 денари за такси и изнајмување на возила.
– 741.649 денари за хотелски и туристички услуги во земјава и странство (вклучувајќи пенали за откажување и промени на патување).

Со пречекорување на границите на своето службено овластување постапил спротивно на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, спротивно на одредбите од Статутот на Советот и од Законот за ревизија. Обвинетиот без претходно донесена одлука на Советот на СУНРСМ за потреба од ангажирање на надворешно лице, без предвиден надомест за ангажирање како надворешен советник за специјални цели во Советот склучил последователно три договори со својата невенчана сопруга.

Врз основа на склучените договори со девојка му, Цветанов носел решенија за службени патувања во странство каде трошоците за патувањето и сместувањето биле на товар на СУНР, а трошоците за исхрана биле покриени преку утврдени дневници за кои тој носел одлуки за нивна исплата. На овој начин само по основ на исплата на дневници и патни трошоци обвинетиот го оштетил буџетот на Советот за 93.800 денари.

Со пречекорување на границите на своето службено овластување постапил спротивно на одредбите од Законот за ревизија, Статутот на СУНР и Законот за трансформација во редовен работен однос. Обвинетиот Цветанов без претходно донесена одлука на седница на Советот за потреба од ангажирање на надворешни лица склучил 18 договори за ангажирање на физички лица при што од буџетот на институцијата биле исплатени 1.934.237 денари.

Овие средства биле исплатени за: авторски дела – пишан материјал и совети од областа на управување со човечки ресурси; од областа на јавните набавки; за изработка на детална техничка спецификација за набавка на опрема од сегмент на информатички технологии; за пружање професионална поддршка на Комисијата за техничка евалуација на пристигнати понуди за јавна набавка на опрема; интелектуални услуги со утврдени обврски на авторот за промовирање на СУНР пред домашна и меѓународна јавност; консултант за Анти-корупциски практики; Консултант за пронаоѓање/посредување на партнери, инволвирање на институции и експерти од Р.Грција, како посредување помеѓу Министерство за финансии на Р.Грција, Регулаторно тело за комерцијална ревизија на Р.Грција, Стопанска комора на Р.Грција и останати светски институции; изработка на проектно-техничка документација за реконструкција на службени простории во СУНР; Консултант за изготвување на Завршна сметка; ангажман на извршител на спроведување на соодветен пристап при изработка на Завршна сметка и други финансиски обврски, како и логистичка поддршка при работни средби и семинари во организацијата на нарачателот, а за превизори ментори од Р.Бугарија, активности во Скопје и Штип, за месечен надомест во износ од 54.000,00 денари; волонтирање за месечен надомест во износ од 36.000 денари; Развој и истражување врз база на спроведување на ескспресна анализа на специјализирани тематски прашања поврзани со имплементација на Законот за ревизија во информатичко технолошки можности.

Обвинетиот со пречекорување на границите на своето службено постапување, спротивно на Статутот на Советот и на Законот за ревизија без претходно донесена одлука на одржана седница на Советот и без склучен договор ангажирал правно лице за инсталирање Апликативен софтвер за основни средства и Апликативен софтвер за финансиско книжење, иако Советот веќе имал склучено договор со друго правно лице за годишно одржување на Апликативен модел за 2022 година и Модул за финансиско сметководство.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот