Нова студија: Луѓето со крвна група Б се повеќе изложени на ризик од дијабетес тип 2
Науката сè почесто бара одговор на прашањето дали крвната група може да направи да бидеме поподложни на некоја хронична болест. Нова студија дава интересен увид: луѓето со крвна група Б имаат поголем ризик од дијабетес тип 2.
Препорачано
Луѓето со крвна група Б треба да бидат малку попретпазливи од нивните врсници во врска со факторите на животниот стил што го зголемуваат ризикот од дијабетес.
Според сеопфатниот преглед на студии од 2024 година, луѓето со крвна група Б – позитивна или негативна – имале поголем ризик од развој на дијабетес тип 2 од луѓето со крвна група што не е Б.
Ризикот е 28 отсто поголем, во просек. Тоа не е огромна разлика, но може да биде доволно значајна ако се вклучени други фактори на ризик.
– Објавени се бројни детални истражувања со мета-анализи, кои ги испитуваа корелациите помеѓу АБО системите на крвни групи со различни здравствени исходи. Меѓутоа, до денес, врската помеѓу овие крвни групи и исходот по здравјето на луѓето останува контроверзна – навел тимот предводен од епидемиологот Фанг-Хуа Лиу од болницата Шенџинг на Медицинскиот универзитет во Кина, пишува „Саенс алерт“ (Science Alert).
Во тековниот сеопфатен преглед се наоѓа 51 истражување со мета-анализи со 270 корелации.
– Ја преиспитавме секоја асоцијација и пронајдовме само еден пример за убедлив доказ за поврзаност помеѓу крвната група Б и ризикот од дијабетес мелитус тип 2 во споредба со крвната група што не е Б – прецизирал епидемиологот Фанг-Хуа Лиу.
Човечката крв е категоризирана во осум главни групи врз основа на шеќерите и протеините, или нивното отсуство, кои се наоѓаат на површината на црвените крвни клетки.
Крвните групи А, Б и АБ се засноваат на присуството на антигени – молекули на шеќер кои можат да го покренат имунолошкиот одговор. Нулта крвната група нема ниту антигени А ниту Б. Во меѓувреме, резус (Rh) факторите се протеини кои ја одредуваат компатибилноста на крвта и ѝ даваат на крвта позитивна или негативна ознака.
Претходните студии сугерирале дека суптилните разлики во нашите крвни клетки може да бидат поврзани со зголемена подложност на одредени болести.
Лиу објаснил дека иако ризикот од 28 отсто е релативно мал во споредба со влијанието на исхраната, телесната тежина или начинот на живот, сепак е нешто што луѓето можат да го земат предвид при проценка на личниот ризик. На пример, внесот на само 50 грама преработено месо дневно го зголемува ризикот за 37 отсто, додека седечкиот начин на живот може да го зголеми ризикот за дури 112 отсто.
Истражувачите не се занимавале со причините за оваа поврзаност, но една студија од 2025 година сугерира дека цревниот микробиом може да игра улога, што ќе бара дополнителни истражувања.
Студијата ја нагласува потребата од поцелосни и посериозни истражувања за разбирање на врската меѓу крвната група и различни болести.
Истражувањето е објавено во списанието „БМС медисин“ (BMC Medicine).


