Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Нова студија: Изложеноста на загаден воздух го зголемува ризикот од Алцхајмерова болест

Луѓето што се изложени на повисоки нивоа на загадување на воздухот во текот на целиот живот имаат поголем ризик од развој на Алцхајмерова болест, покажала нова студија од американскиот универзитет Емори, пишува „Еуронуз“.

Загадувањето на воздухот влијае директно на мозокот, а не посредно преку хроничните болести како што се хипертензија (висок крвен притисок), мозочен удар и депресија, што се исто така фактори на ризик за деменција, откриле научниците.

„Еуроњуз“ пишува дека најсилната поврзаност помеѓу загадувањето и Алцхајмеровата болест е забележана кај луѓе кои претходно имале мозочен удар.

Тим истражувачи го споредил нивото на изложеност на ситните честички (ПМ 2.5) со зачестеноста на Алцхајмерова болест и улогата на три вообичаени придружни болести (коморбидитети).

Ситните честички се особено опасни бидејќи можат да продрат длабоко во белите дробови и крвотокот, а главните извори вклучуваат издувни гасови од возила, термоцентрали, индустриски активности, шумски пожари и согорување на дрво или фосилни горива во домаќинствата.

Авторите на студијата нагласуваат дека долготрајната изложеност на ситните честички го зголемува ризикот од кардиоваскуларни болести, хипертензија и нарушувања на менталното здравје.

Истражувањето, објавено во списанието „ПЛОС медисин“, анализирало податоци од повеќе од 27 милиони луѓе над 65 години.

Светската здравствена организација (СЗО) поставила глобални цели за намалување на ситените честички до 2030 година, а планот за 2025 и 2040 година предвидува намалување од 50 отсто на смртните случаи предизвикани од загадувањето на воздухот во споредба со 2015 година.

Според податоците на СЗО, повеќе од 55 милиони луѓе ширум светот живеат со деменција, а Алцхајмеровата болест сочинува до 70 отсто од случаите.

Околу 12,1 милиони луѓе со деменција се регистрирани во Европа во 2025 година, при што жените се најпогодени, сочинувајќи околу 66 отсто од случаите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот