Нова студија: Долгиот ковид има разорно влијание, повеќе од напредните видови на рак

Ковид-19 коронавирус
Фото: Pexels

Многу луѓе со долг ковид имаат понизок квалитет на живот поврзан со здравјето од луѓето со некои напредни видови на рак, сугерира истражувањето.

Квалитетот на животот на некои пациенти поврзани со здравјето се полоши од оние на луѓето со стадиум 4 на рак на белите дробови, пишува „Гардијан“.

Заморот е симптом со најголемо влијание врз секојдневниот живот на пациентите со долг ковид, според студијата предводена од истражувачи од Универзитетскиот колеџ во Лондон (УЦЛ) и Универзитетот во Ексетер. Тие откриле дека многумина биле сериозно болни и имале резултати на замор полоши или слични на луѓето со анемија којашто е поврзана со рак или со тешка бубрежна болест.

Истражувањето спроведено од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) и Универзитетот во Ексетер го испитувало долгорочното влијание на ковид-19 врз животите на 3.754 лица хоспитализирани поради оваа болест.

Пациентите во рамките на студијата требало да одговорат на прашања во апликацијата за тоа колку долго ковид-19 влијае на нивниот секојдневен живот и да дадат оценка од 0 до 40 за да се означи сериозноста на состојбата.

Утврдено е дека просечните резултати за замор се слични или полоши отколку кај пациентите со анемија поврзана со рак или тешка бубрежна болест, а резултатите за квалитетот на животот исто така биле пониски од оние со напреднат карцином.

Научниците сугерираат дека влијанието на долготрајниот ковид врз секојдневните активности на пациентите е посилно отколку кај пациентите кои претрпеле мозочен удар и е споредливо со пациентите со Паркинсонова болест.

За долг ковид, луѓето мора да имаат континуирани симптоми 12 недели по акутната зараза со коронавирусот. Според Националната здравствена служба на Британија (НХС), главни показатели за долгиот ковид-19 се екстремен замор, отежнато дишење (краток здив), губење на чувството за мирис и болки во мускулите.

Доктор Хенри Гудфелоу од Институтот за епидемиологија и здравство на УЦЛ, еден од водачите на студијата, рекол дека влијанието сè уште не е целосно разбрано.

„Нашите резултати открија дека долгиот ковид има разорно влијание врз животите на пациентите, а заморот има најголемо влијание на сè, од социјалните активности до работата, обврските и одржувањето блиски односи“, рекол тој.

Научниците исто така навеле дека продолжениот ковид може да има значително економско и социјално влијание. Од анкетираните во студијата, 94 отсто се на работоспособна возраст (помеѓу 18 и 65 години), од кои 51 отсто изјавиле дека не биле способни да работат барем еден ден во изминатиот месец.

„Се надеваме дека подоброто разбирање на симптомите и влијанието на долгиот ковид кај овие пациенти ќе им помогне на НХС и креаторите на политиките да ги насочат ограничените ресурси на прилагодување на постоечките услуги и на осмислување на нови за подобро задоволување на потребите на пациентите со долг ковид“, рече Гудфелоу.

„Нашите откритија покажуваат дека заморот треба да биде важен фокус на клиничката нега и осмислувањето на условите за рехабилитација“, додал тој.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот