Ноќната сцена во земјава ја „мрдаат“ само десетина дискотеки, од Нова година построги казни и кривична одговорност за угостителите
По трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, само еден угостител во април побарал дозвола за работа, но бил одбиен од Министерството за економија и труд, покажува нивниот најнов Регистер на лиценци за барови, ноќни клубови и дискотеки
Помалку од десет дискоклубови во земјава во моментов имаат активни лиценци за работа, а по трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, само еден угостител во април побарал дозвола за работа, но бил одбиен од Министерството за економија и труд, покажува нивниот најнов Регистар.
Препорачано
Во масовните контроли на инспекциите од крајот на март беа опфатени 12 објекти со активни лиценци, три не ги исполнуваа минималните технички услови за работа и им беа одземени лиценците. Истовремено им беа изречени и максимални казни. Надлежните инспектори тогаш извршија контроли на повеќе од 50 објекти, од кои голем дел не ги исполнуваа условите. Во март важечки лиценци поседуваа само 22 објекти.
Влатко Стојкоски, директор на Државниот пазарен инспекторат, за „Слободен печат“ вели дека сè додека сопствениците на овие места за забава не ги исполнат во целост барањата од Правилникот за минимално-технички услови, тие ќе останат затворени. Правилата се јасни и ако сакаат да работат, мора да се приспособат кон законските услови, а инспекторите се постојано на терен, додава Стојкоски.
Тој најавува дека измените на Законот за угостителство што ги подготви МЕТ треба да стапат на сила по Нова година и казните ќе бидат многу построги, а ќе повлечат и кривична одговорност за газдите.
– Законот е готов, ние како ДПИ дадовме наш предлог за построги казни, оти постојните не се доволни за да има ред и почитување на прописите. Пријавата за исполнување на минимално-техничките услови за вршење угостителска дејност, пред да биде доставена како придружен документ во барањето за лиценца, ќе треба да има потврда за нејзината веродостојност од Државниот пазарен инспекторат. Угостителскиот сектор може и мора да биде пример за легален, одговорен и конкурентен бизнис – дециден е Стојкоски.
И заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески е убеден дека се подготвуваат квалитетни законски решенија што треба да создадат систем што ќе делува превентивно. Според него, сите проблеми ги направила „регулаторната гилотина“ донесена во 2008 година, кога поради упростување на процедурите за вадење лиценци, сè било оставено на совеста и на потписот на барателот дека се исполнети сите безбедносни и други процедури и критериуми.
– Тоа сега го укинуваме и формираме комисија што ќе биде составена од професионалци од сите области што ќе гарантираат со своите потписи дека за лиценците пред да бидат издадени. Ние сме држава со проблематичен менталитет и имало случаи да инспектори им веруваат на странките и дури и им кажуваат како да го изиграат законот, наместо да бараат да го спроведат. За да има одговорност, и за членовите на комисијата се предвидени парични казни или, пак, ќе имаат некоја друга законска обврска – рече Ристески.
Во основа, ќе се дорегулира членот 21 од Законот и ќе се вметне задолжителна институционална проверка на тоа што подносителот на барањето за лиценца го приложил како документи. Инаку, според важечкиот Закон за угостителска дејност, градоначалникот води евиденција за угостителските објекти во неговата општина. Исто така, градоначалниците и општината водат евиденција за работното време на угостителите.
Да потсетиме дека објектот на „Пулс“, во кој се случи трагичниот настан, бил дивоградба изградена во 1999 година. Првично служел како текстилна работилница, а неговата пренамена во кабаре не е пријавена. Легализиран бил во 2005 година, а лани бил реновиран. Лиценца имал од Министерството за економија, за која власта тврди дека е фалсификат и дека истекувала два дена пред да се случи пожарот.


