Никола Велковски, последен главен архитект на Град Скопје: Становите се градеа без да се мисли на урбанизмот и со превисоки цени

Станови / Фото: СП. архива

Не е само да се изгради станот. Секоја станбена зграда треба да ја следат други сервиси за нормално живеење: зелени површини, паркинзи, училишта, градинки, здравствени установи, алармира Велковски.

Доколку би купиле стан во 2010 година, тогаш тој би бил за 14,7 проценти поевтин отколку сега. Но, најголем раст на цените е направен во последната година, кога цените во првиот квартал од годинава се зголемиле за 12,4 проценти во однос на истиот квартал од 2021 година, покажуваат податоците на Народната банка. Од друга страна, пак, не запира и трендот на градење нови станови, иако со позабавено темпо. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во првите 3 месеци од годинава се издадени одобренија за градба на 1.308 нови станови, но ова е помала бројка во однос на првото тримесечје лани кога се издале дозволи за 1.577 нови станови.

Никола Велковски, кој е последниот главен архитект на Скопје во периодот од 2000 до 2003 година и кој преку својата компанија „Инком инженеринг“ учествува во изградба на многу деловни и станбени објекти во Македонија, во разговор за „Слободен печат“ вели дека сега има помалку градење станови и тоа го оценува како добро за урбаното живеење. Тој вели и дека за многу нови станови, особено во центарот на Скопје, нема оправдување за огромните цени.

– Не е само да се изгради станот. Секоја станбена зграда треба да ја следат други сервиси за нормално живеење: зелени површини, паркинзи, училишта, градинки, здравствени установи. Еве, сега сме сведоци на последиците од недостигот на градинките… – вели Николовски.

Тој вели дека многу локации во Скопје каде што сега се гради, не може да ги задоволат критериумите на квалитетно живеење.

Во однос на цените, Николовски изјавува дека тие неминовно растеа поради големиот раст на влезните трошоци, но дека цени од 1.800 евра, или од 2.000 евра за квадратен метар, се нереални.

– Веќе имаме цени од 1.700 до 1.800 евра за квадратен метар во центарот на Скопје, но читам и огласувања на цени од 2.000 евра. Тоа се повисоки цени од потребното. Но, за тоа има повеќе причини. Од една страна, луѓето се исплашија од трендот на намалување на вредноста на нивните пари, па решија што повеќе да вложуваат во недвижности, со што се зголеми побарувачката на станови. Во прилог на тоа одат и ниските каматни стапки во банките. Од друга страна, во услови кога не функционира политиката на регионален рамномерен развој, секој сака да дојде во Скопје. Да имаше добра децентрализација на надлежностите на општините, па и добра фискална децентрализација со поголеми зафаќања од страна на општините, и да имаше работа во помалите места, ова немаше да се случува – смета Велковски.

Тој заклучува дека е добро што надлежните „малку кренаа рачна“ во однос на дозволите за градба, па се евидентира нивно помало издавање. Како причина за трендот на помало градење во центарот на Скопје, го наведува и значителното поскапување на парцелите, токму поради големиот интерес што го имале за нив инвеститорите.

Според огласите што може да се најдат на страниците на агенциите за недвижности, становите што не се новоградба во центарот на Скопје, се продаваат од 1.250 до 1.400 евра за квадратен метар, новоградбите се поскапи и најчесто се 1.500 евра, но има и повисоки цени. Во Кисела Вода може да се најдат станови во градба и по 1.070 евра за квадратен метар, се забележува тренд на позначаен раст на цените на станови во Карпош кои се продаваат по околу 1.400 евра, а во скопската населба Ѓорче Петров старите станови, изградени пред десетина години, се продаваат по цена од 900 евра за квадратен метар. Значително пониски цени има во другите градови низ Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот