Ни срам ни перде! Граѓани бараат лажни вакцинални сертификати на ,,Купи продај огласник”

Ковид сертификат / Фото: МИА

На купи продај огласник, секојдневно граѓани бараат од некого да купат фалсификуван, лажен сертификат за ковид вакцинација. 

Граѓаните бараат помош односно контакти од лица, за да им го изработат сертификатот, иако не се вакцинирани и немаат намера да се вакцинираат. Под објавите јавно се оставани телефонски броеви од наводните мајстори што ги изработуваат. Кога се јавивме на броевите, сите ни рекоа дека се работи за грешка, но не беа изненадени од повиците.

Слободен печат од свои извори дознава, дека и во инспекторатите ширум земјава, се јавувале лица, кои сакале да останат анонимни и кажувале дека се поканети на свадби, а кога рекле дека не можат да присуствуваат зашто не се вакцинирани, од организаторите добиле одговор дека со ручекот ќе добијат и сертификат. Потоа инспекторите ги препраќале ваквите лица, дојавата да ја достават до Министерството за внатрешни работи, од каде пак, не добиле ниедна пријава.

Дека ваков бизнис навистина постои, докажува и најновата акција на италијанската полиција која пред три недели фати и стопираше серија онлајн измамници кои нудат лажни ковид сертификати за вакцинација. Италијанската полиција соопшти дека запрела 10 канали на апликацијата Телеграм кои воделе до анонимни профили на црниот интернет пазар односно мрежата ДаркВеб. Оттаму нарачателот можел да стапи во директен контакт со продавачите, а плаќањето се одвивало во криптовалути. За 150 евра можело да се добие и сертификат за вакцинација и шишенце од вакцина.

„Преку интернетот и преку овие канали  производите се нудат глобално. Беше фино тоа што во самата понуда пишуваше дека овие лажни ковид пасоши и вакцини не се достапни само во Италија, туку и во други земји како Швајцарија, Британија, САД и Нов Зеланд “, изјавил Џанлука Берути, шеф на даночната полиција во Милано.

Од државниот пазарен инспекторат за Слободен печат велат дека не се информирани за изработка на лажни вакцинални сертификати во земјава и дека тоа е во надлежност на МВР.

-Доколку бидеме информирани, ќе го имаме ова предвид. Угостителите треба да ги контролираат сертификатите. Ние овие два дена повеќе одевме превентивно. Во наредните денови ќе се утврди и веродостојноста на тие сертификати. Имаме механизам како тоа да го направиме има и апликации и податоци влезени во систем и веднаш излегува дали одреден сертификат е фалсификат. Од старт мислам дека не е коректно да се служат со такви методи но не би препорачала да се дрзнуваат на такви работи препорачливо е да се вакцинираат заради заштита на здравјето а не да прават манипулации, изјави за Слободен печат Анета Симеска, директорка на пазарната инспекција.

Ковид сертификатот кој го издава Министерството за здравство е безбеден и тежок за фалсификување кога се поминува граница или аеродром. Кју ар кодот е поврзан со систем на МВР и со Мој Термин, така што доколку граѓаните не се навистина вакцинирани, дефинитивно нема да може да бидат во овој систем. Преку апликацијата Комон пас, со свој личен профил може да го најдете националниот сертификат издаден од Министерството за здрвство со кју ар код за примена вакцина. Системот дава опција и за внесување на бројот на вашата патна исправа.

Меѓутоа, кога станува збор за влез на настани од јавен карактер, односно за кафулиња и ресторани, не е тешко да се изработи ковид сертификат кој е лажен, затоа што проверката се прави само визуелно, со прегледување на сертификатот. Меѓутоа, од пазарната инспекција велат дека гостите на свадбите претходно ги даваат своите лични податоци, па и вакциналниот статус ќе им биде проверуван, така што обидот да се изманипулира системот е игра со оган.

Во меѓувреме, владата донесе одлука од 1 септември домашни и странски државјани да може да влезат на територијата на земјава само со потврда за вакцинација, потврда за прележаност не постара од 45 дена или со негативен ПЦР тест. За македонските државјани кои се враќаат во земјата после 1 септември, а немаат ПЦР тест или потврда за примена вакцина или прележан ковид, ќе се одреди карантин од 7 дена дома со решение од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

За влез во кафулиња, прослави, веселби, свадби, родендени, крштевки, концерти, конференции, културни или спортски настани без разлика на тоа колкав капацитет на аудиториумот е предвиден, ќе мора да се приложува или сертификат за вакцинација со најмалку 1 доза или потврда дека граѓанинот прележал ковид пред не повеќе од 45 дена. Оваа мерка ќе се применува и за влез во затворениот дел од трговските центри.

Во сите кафулиња, барови и угостителски објекти каде капацитетот е поголем од 30 гости, задолжително е воспоставување редарска служба од страна на правниот субјект за контрола и спроведување на мерката. Во угостителските објекти сертификат се должни да имаат редовно вработените лица. Се забранува организација на свадби веселби и прослави на затворено.

Во земјава има 6.734 активни случаи на ковид 19. Најголемиот дел се во Скопје 2246 лица, во Тетово 1330, во Гостивар 927 и во Куманово 422.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот