Невролозите посочуваат: Овие четири проблеми со спиењето укажуваат на ризик од деменција
Навиките за спиење се тесно поврзани со здравјето на мозокот, а промените во начинот на спиење понекогаш можат да бидат ран знак за посериозни невролошки состојби, вклучувајќи ја и деменцијата. Станува збор за врска што научниците сè повеќе ја истражуваат.
Препорачано
– Односот помеѓу нарушувањата на спиењето и деменцијата е важна динамика и област на истражување што брзо се развива – рекол неврологот д-р Арман Фешараки-Задех за „Хафингтон пост“, додавајќи дека постои силна поврзаност помеѓу намалувањето на длабокиот сон и зголемениот ризик од деменција.
Мозокот во текот на спиењето, го активира глимфатичниот систем, кој ги отстранува токсините како што е амилоид бета протеинот, а нарушувањата во овој процес можат да имаат долгорочни последици.
– Нарушувањето на спиењето, особено во текот на фазата на консолидација, може да придонесе за трајно оштетување на памтењето – истакнал д-р Фешараки-Задех.
Неврологот д-р Роб Наваз Кан предупредува дека раната фаза на деменцијата може да ги наруши циркадијалните ритми и структурата на сонот. Според невролозите, ова проблеми со спиењето можат да бидат рани знаци на деменција.
Тешка несоница
Повремената несоница обично не е причина за загриженост, но ненадејната и изразена несоница може да укажува на подлабок проблем. Ваквите состојби вклучуваат сериозни тешкотии при заспивање и одржување на сонот, како и изразен замор и промени во расположението во текот на денот.
– Кај Алцхајмеровата болест почести се тешкотиите при заспивање, честите ноќни будења, промените во ноќното однесување и дневната сонливост, бидејќи мозочните мрежи што го регулираат циклусот на спиење и будност постепено пропаѓаат – објаснил неврологот д-р Фавад Миан.
Спиење во необично време
Нарушувањата на циркадијалниот ритам можат да предизвикаат личноста да спие во текот на денот, а да биде будна ноќе, што често доаѓа со збунетост и промени во однесувањето.
– Овие промени често се поврзани со збунетост и промени во однесувањето – рекол д-р Миан, нагласувајќи дека ова се случува, бидејќи невродегенерацијата влијае на внатрешниот часовник на мозокот.
Ваквите нарушувања може да вклучуваат и ноќни будења со дезориентација или вознемиреност.
Глумење соништа
Нарушувањето на однесувањето во РЕМ спиењето, во кое личноста физички реагира на соништата, може да биде ран знак на одредени форми на деменција.
– Особено деменција со Луиеви тела и Паркинсонова болест – рекол д-р Миан. Луѓето може да викаат, да удираат или одеднаш да станат од кревет за време на спиењето.
– Ова се случува години пред појавата на симптоми поврзани со меморијата, бидејќи областите на мозочното стебло кои ја контролираат парализата на мускулите во текот на сонот се засегнати рано – додал тој.
Ноќно „талкање“
Будењето и талкањето низ домот во текот на ноќта, честопати со чувство на збунетост, е уште еден можен знак за нарушувања поврзани со деменцијата. Таквото однесување често се поврзува со нарушен циркадијален ритам и немир во телото, додека мозокот останува активен кога треба да одмора. Ова нарушување може „да ја намали способноста на мозокот да ги отстранува отпадните протеини во текот на ноќта, што со текот на времето може да придонесе за когнитивен пад, заклучил д-р Кан.


